Сашо од Битола за животот на Флорида: „Кога си далеку од дома сè ти недостига – но, не знам дали би можел да се вратам“
Колку често се случува на Флорида да ѝ се закануваат бури и урагани? Се сеќаваш ли на твоето прво искуство со тропска бура?
Овај дел на Флорида, вклучувајќи ја Тампа се дел кој секоја година е подложен на бури и урагани.
Секоја година почнувајќи од мај па се до август се случува по еден голем ураган и неколку помали бури.
Силни и страшни ветрови кои со својата сила можат на направат големи штети. Поројни дождови кои некогаш траат и по неколку денови.
Силните дождови, често предизвикуваат поплави во одредени делови кои се во близина на вода со огромни штети па и изгубени човечки животи.
За моја среќа не сум имал прилика да видам големи урагани или да бидам во близина на големи бури.
Знае да биде страшно, тоа секако. Но, во тој приод од годината секогаш мора да бидете подготвени.
Флорида има голем број плажи и сончеви денови, но останува ли време за забава и за уживање или сè се сведува на работа? Што правиш вообичаено во слободното време?
Флорида изобилува со голем број на сончеви денови во годината и има толку многу да понуди. Сè се постигнува со добар план.
Јас овде работам во продавница за органска храна.
Работата одзема голем дел од времето зошто не ми е блиску до местото каде што живеам. Преку неделата се работи, но затоа ги имам викендите.
Скоро секој викенд сме некаде.
Реков, има толку многу да се види и направи но со добар план сѐ може да се постигне,
Секако, секој секогаш наоѓа време за забава и рекреација.
Скапа ли е Флорида за живот? Дали лесно може да се најде работа, и да се купи сопствен дом – со кои предизвици најчесто се соочуваат нашите иселеници таму?
Флорида важи за една од најскапите држави во Америка за живеење.
Тоа е како последица на туризмот пред сè, но и поради многу други фактори. Флорида е позната исто така како една од најпопуларните голф дестинации.
Изобилува со прекрасни и огромни голф терени кои привлекуваат туристи од секаде.
Релативно богати луѓе од северот, каде климата е релативно ладно време, купуваат имоти овде на Флорида.
Кириите за станови знаат да бидат од релативно ниски до релативно високи. Во зависност од тоа каде сакате да живеете и колку можете да си дозволите.
Местото за живеење го креира вашиот начин на живот.
Обично се бараат станови кои ќе бидат во близина на работата која ја работите за да можете да заштедите на гориво.
Многу од Американците па и Македонците се решаваат да купат свој дом, куќа или стан зашто, доколку работите и имате заштедено добро, подобро е да плаќате хипотека за свој дом и да го поседувате истиот, отколку да плаќате кирија за стан.
Купување на свој дом и не е баш лесно, зошто ќе наидете на еден куп предизвици, но реков доколку имате добра работа, заштеда и ги исполнувате условите е лесно.
И секако ќе барате нешто што е во ваши граници.
За жал реалноста е малку интересна, ќе кажам и обратна од Македонија.
Тука за помалку пари можете да купите голема куќа во населбите наоколу градот, па ќе мора да патувате за да одите на работа.
Доколку сакате да купите стан во центарот на градот, е тоа е веќе потешко, зошто зборуваме за милионски суми.
Сум запознал доста успешни и изградени Македонци кои живеат и работат на Флорида. Ние како нација сме познати дека сме трудољубив народ. Вредни сме.
А и денес е некако полесно да ги совладаш предизвиците со кои наши сонародници се соочувале пред 50 па и повеќе години. Најпрво поради јазикот.
Ако го зборуваш јазикот на државата во која живееш, сè е некако полесно.
Постои ли нешто што ти недостига од Македонија и што е тоа? Си размислувал ли некогаш да се вратиш дома…
Дали ми недостига нешто од Македонија?
Да најмногу ми недостигаат мајка ми и сестра ми. За среќа оваа година ќе дојдат за првпат да ме посетат после 7 години живеење овде, и тоа ме прави среќен. Бројам денови.
Ми недостига мојата Битола, Широк сокак, пријателите, кафето, муабетот.
Кога си далеку од дома се ти недостига.
Но, реалноста е нешто друго. Не, знам дали би можел да се вратам и да живеам таму пак.
Некако се пронајдов овде себеси. Овде изградив за себе поубав и подобар живот.
Доколку сакате да ни ја раскажете вашата приказна за животот во некоја од земјите низ светот пишете ни на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Прочитајте и Во домот на битолчанецот Сашо на Флорида: Куќа со базен, 5 спални соби и околу 400 растенија
Б. С. Б. | Црнобело