Љубовната приказна на Јелена Спенџарска и Лукас: „Поради мене сакаше да се пресели во Скопје“
А дали Лукас знае нешто на македонски?
Знае да каже „Многу сум среќен“ - тоа му е омилената фраза.
Секогаш кога ќе се јават моите и ќе го прашаат како е вели дека е среќен на македонски, зашто тие не зборуваат англиски.
Знае да каже и „те сакам“, „катастрофа“ и „глупости“.
И знае да рече „добро“ - кога ќе му кажеш нешто, тој да одговори со „Добро“, како прав Македонец.
Како изгледаше запознавањето на Лукас со твоето семејство?
Јас имав трема, тој беше опуштен. Си се спремаше, купи подароци за сите, дури и за баба ми и отидовме во Берово.
И не можам да ти опишам колку имав трема, сум нашла човек на место, сакам да го запознаам со моите, да им се допадне.
Плус, ние ќерките сме блиски со татковците, барем јас сум многу блиска со мојот и во оваа ситуација не знаев како да се однесувам.
Моите го засакаа од самиот почеток, ама јас ги подготвував дека не смеат да кажат нешто што не треба, да не ме посрамотат.
Тие не знаат англиски, Лукас не зборува македонски, па јас преведував само што ми одговараше.
Сега е полесно, ама на почетокот бев под стрес, ама сè помина совршено.
А твоето запознавање со неговите?
Пак јас имав трема и пак јас бев под стрес.
Неговите се многу фини, пријатни, многу забавни луѓе. Ме прифатија и многу ме засакаа и си одржуваме контакт.
Дали некогаш сте имале непријатност поради националноста или политичката ситуација?
Ни се случи само еднаш и тоа во Скопје, кога на улица, не ни на пешачки, пред нас помина маж со мало дете, одеше да фрли ѓубре.
Лукас му застана, а човекот кога ја виде грчката регистрација почна да зборува лошо, да пцуе.
Ме праша Лукас што се случи, ама му одговорив да го игнорира и да продолжи да вози.
Не е ништо страшно, ама ете, зошто мораше да има таков испад?! Не оправдувам такви работи.
Моите пријатели го сакаат, јас таму се дружам со неговите.
Тие дури и знаат да ме прашаат како се носам со ситуацијата, дали имам можеби проблеми.
Ама, мора да признаам дека таму сум многу повнимателна, само поради политичката ситуација, не поради меѓучовечките односи.
Еден период многу ретко објавуваше фотки со него, па и денес не споделуваш премногу за вашата врска на социјалните мрежи… зошто е тоа така?
Лукас многу ја цени својата приватност, нема социјални мрежи и не сака да се експонира. Ама, се фати со мене, ха, ха.
Јас и го прашав дали му е во ред да споделувам фотографии со него, да објавувам работи што сметам дека треба, а не сè, и Лукас нема проблем со тоа.
Не ми „води ред“ за тоа што објавувам, не проверува, има целосна доверба во мене.
Како реагира кога сте излезени кај нас, а луѓето те препознаваат на улица? Како реагира на твојата јавна професија и популарност?
Интересно му беше кога шетавме во продавница на почетокот на врската, и еден човек ме застана да ме поздрави.
Лукас беше збунет, ме праша дали се знам со човекот и му објаснив дека ме гледал на телевизија па сакал само да ми го каже тоа.
Му кажав дека, не секој ден, ама дека се случува луѓе да ми пријдат и да ме поздрават.
Но најчуден момент му бил кога доаѓал сам од Солун накај Скопје, а застанал на пумпа за да фати интернет и да ми јави до каде е, бидејќи имаше проблем со мрежата.
На пумпата, мислам во Велес беше, побарал пасворд за интернетот и додека го запишувал, жената што работела таму го зела својот телефон, влегла на мојот профил на Инстаграм, па му покажала фотографија и го прашала: „Ти си Лукас?“.
Се збунил и не знаел како да реагира.
„Некој во Македонија, на бензинска ме знае мене. Ај тебе те знаат, логично ми е, ама мене?“ – е тоа беше неговата реакција кога ми раскажуваше.
А го препознаваат и на граница и му викаат: „Ајде Лукас, македонски зет“ и тоа му е забавно.
Дали сте разговарале за брак?
Не, никогаш не сме разговарале за тоа. Не сме од оние двојки кои сметаат дека мора да се венчаат, да имаат деца.
Но, верувам дека тоа ќе се случи спонтано, нема стрес.
Многу сме опуштени и верувај, ни оддалеку не сум го начнала муабетот, ни некој ми врши притисок дека треба да се венчаме.
И мислам дека така е најдобро.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело / фото: Приватна архива