Љубица Димовска, дефектолог: „Родителите тешко прифаќаат дека се виновни за екранизмот на децата“

„Она што им паѓа најтешко на родителите е дека мора да го исклучат екранот, а со тоа да се соочат со бесот и плачењето на своето дете, како и фактот дека тие директно се виновни што воопшто го оставиле пред екран. Како резултат имаме дете кое ги знае бројките, буквите, боите, англиски зборува, пее песни кои ги слушнало, наместо да каже: „Мама дај…“ и да покаже со прст“ – вели во интервју за CRNOBELO.com Љубица Димовска, дефектолог.

ljubica-dimovska-defektolog-za-ekranizmot-na-decata-direkten-vinovnik-e-vozrasniot-01.jpg

Што е екранизам кај децата, како оваа појава може да се детектира? Кои се најчестите грешки што родителите ги прават, па несвесно му штетат на своето дете?

На оваа тема разговаравме повеќе со Љубица Димовска, специјален едукатор и рехабилитатор.

Според неа најголемата грешка што родителите ја прават е тоа што често не прифаќаат дека нивното дете има проблеми заради големата изложеност пред екран, а како што вели, во најекстремните случаи децата со екранизам често потсетуваат на деца на спектарот (аутизам), па кај нив мора да се прават и серија испитувања за да се утврди за што точно станува збор.

ljubica-dimovska-defektolog-za-ekranizmot-na-decata-direkten-vinovnik-e-vozrasniot-02.jpg

Во продолжение проследете го целото интервју:

Можете ли накратко да ни појасните што е екранизам кај децата?

Екранизмот се толкува како зависност од екрани од кој било вид (ТВ, мобилни телефони, таблет, компјутер, видеоигри итн.), а последиците кои се јавуваат во детскиот развој се ефект на таа зависност.

На која возраст најчесто може да се забележат првите симптоми и кои се тие?

Стручните лица на кои област им е раниот детски развој, првите симптоми на екранизам ги воочуваат во многу краток период откако детето ќе биде изложено на екрани.

Развојот е динамичка категорија и секоја функција има свој период кога се јавува и оттогаш натаму се развива и добива на квалитет.

Следствено, секое нејзино подоцнежно појавување, носи со себе и послаб квалитет, како и потреба од поддршка и рехабилитација за постигнување на можен оптимум на истата.

Како најчести и најочигледни симптоми на екранизам, кои всушност се последица од предолгата изложеност на детето на екрани, се задоцнет говор и јазично-говорни потешкотии, сиромашен фонд на зборови, изливи на бес, посебно ако пробаме да го тргнеме детето од екранот, побавен когнитивен развој, потешкотии да се насочи и задржи вниманието на секојдневни активности кои не се поврзани со екранот, слаба контрола над емоциите, несоодветно однесување.

Понатаму во училишната возраст, дете кое било изложено на екрани има послаб училиштен успех, слаба концентрација, потешкотии во учењето, недостаток на време за учење и игра, како и за релаксација.

ljubica-dimovska-defektolog-za-ekranizmot-na-decata-direkten-vinovnik-e-vozrasniot-11.jpg

Која е најголемата грешка на родителите, што доведува до појава на екранизам?

Пред сè, мора да нагласам дека ниеден родител не му посакува лошо на свето дете и грешките кои сите ги правиме се секогаш со најдобра намера.

Сепак, кога проблемот веќе постои, родителот се јавил и побарал помош од стручно лице, посочено му е кој е изворот на тој проблем, најголемата грешка која ја забележувам кај сите родители е неверувањето, негацијата.

Ние живееме во информатичко општество, секојдневно сме изложени на мноштво брзи информации, буквално нашите сетила се нападнати од нив.

Дури и самите родители првично проблемот гледаат да го најдат токму на интернет, без оглед дали се тоа социјални мрежи, веб страни со стручни содржини, еве и моето излагање овде е дел од таа информатичка џунгла.

Меѓутоа, неверувањето, периодот на негација и одбивање да се прифати вистината се најголемиот непријател на семејството, бидејќи се губи драгоцено време од развојот на детето кога рехабилитацијата би имала најголем ефект.

Изговорите се секогаш од типот: „Па и големото дете ми гледаше во екрани и ништо не му е“, „На пријателите детето е помало, гледа екрани и зборува и се однесува нормално“ итн.

Сето тоа е точно, но точно е и дека секој од нас е индивидуа за себе и сите ние имаме посебна структура на нервниот систем, за што повикани се да зборуваат лекарите од соодветните области.

Она што им паѓа најтешко на родителите е дека мора да го исклучат екранот, а со тоа да се соочат со бесот и плачењето на своето дете, како и фактот дека тие директно се виновни што воопшто го оставиле пред екран.

Ова е посебно болно и најчесто предизвикува револт кај родителите, отпор и понекогаш дури и привремено прекинување на соработката со стручните лица, со надеж дека ќе најдат магично решение без да треба да го минуваат трнливиот пат.

ljubica-dimovska-defektolog-za-ekranizmot-na-decata-direkten-vinovnik-e-vozrasniot-03.jpg

Ако можете, наведете ни некои од најекстремните случаи на екранизам со коишто сте се соочиле во вашата пракса? Како реагираат децата кај кои оваа појава е екстремна?

Најекстремни се оние случаи кои се јавуваат многу доцна, после неколку години интензивна изложеност на екрани.

Бидејќи немам претходни сознанија за детето, не сум го следела неговиот развој од првите месеци, тоа ги има истите симптоми како и дете од спектарот и тука не сме начисто во врска со причината на проблемот.

Ова дете напоредно со стручната поддршка треба да направи и серија испитувања да се види за што точно станува збор.

Со кои проблеми во образованието најчесто се соочуваат децата кои страдаат од екранизам?

Формалното образование бара седење во клупа по 45 минути и следење на наставата, интеракција помеѓу наставникот и детето, како и помеѓу самите деца.

За таа цел детето треба да поседува вештини и функции кои се развојно соодветно развиени.

Пример, да го насочи вниманието (фокус) да го одржи вниманието (да слуша кога наставникот предава), да постави прашање, да даде одговор, да го разбере и интерпретира тоа што е предадено на часот итн.

Ако се вратиме на карактеристиките кои ги поседуваат овие деца, очекувано е тие да не можат да седат мирни во клупа, стануваат, го реметат часот, не примаат информации, поради што не можат да научат тоа што е предвидено во програмата и предадено на часот.

Како се зголемува материјалот, тие имаат сè повеќе празнини во знаењата, што кај нив создава чувство на пониска вредност во однос на другарчињата, а таа се манифестира од повлекување до агресивни испади, зависно од детето.

Често се отфрлени од врсниците и се дежурни виновници за сите незгоди во одделението.

ljubica-dimovska-defektolog-za-ekranizmot-na-decata-direkten-vinovnik-e-vozrasniot-06.jpg

Што треба да направат родителите откако ќе ги забележат првите симптоми на екранизам?

Јас поинаку би го формулирала ова прашање: „Што треба да направат родителите да не дојде до овој проблем?“

Да не ги изложуваат децата на екрани првите 2, па дури и 3 години. Тоа е најголемиот предизвик кај младите родители денес.

И секогаш е пропратен со нивниот дефанзивен став: „Па и јас имам право да одморам, плаче, вака се смирува, вака јаде, не сака поинаку, имам право на фризер да одам, со другарка кафе да испијам итн. “.

Се разбира, никој не оспорува ничии права.

Меѓутоа, секое право оди со своја обврска, а кога имате дете тоа е ваша најголема обврска. Така што, ако не сте ја исполниле обврската, не е во ред да ги набројувате правата.

Ова го нагласувам само кога станува збор за екранизам. За сите други отстапувања во развојот, за кои постои друг причинител, мојот став е помек.

Во случај кога ги воочиле симптомите и се одважиле да побараат помош, треба да соработуваат со стручните лица, заедно да работат на оптимализација на развојот на детето и да не очекуваат брзи, инстант решенија.

ljubica-dimovska-defektolog-za-ekranizmot-na-decata-direkten-vinovnik-e-vozrasniot-08.jpg

Продолжува ан следната страница...



Би можело да ве интересира:

Д-р Драгана Емел Маркоска, педијатар: „Магија за имунитет нема – не давајте антибиотик сами и не трч... „Здраво дете може да биде болно 7-8 пати годишно. Нормално е тоа, важно е да не ...
Стефан Лазаров за љубовта со Марта: „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успе... „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успеси и падови. Ние...
Милица Павловиќ за CRNOBELO: „Немам емотивен партнер, можеби Македонец ми е судбина“ „Да не беа моите баба и дедо, немаше да сум толку решителна. Нивните крилја ми б...
Слаткар за татковството: „Цел живот чекав да станам татко“ „На Моша му читам, ама како да не ми ги сака приказните, ко да знае дека си ги и...
Ивана Лескароски за тешката животна борба: „По двете загубени деца, посегнав по животот, но Бог ми г... „Моментот кога една жена наместо со бебе во рака завршува само со неговата облек...
Љубовната приказна на Јелена Спенџарска и Лукас: „Поради мене сакаше да се пресели во Скопје“ „Јас имав трема кога го запознавав со моите, тој беше опуштен. Си се спремаше, к...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg