Љубица Димовска, дефектолог: „Родителите тешко прифаќаат дека се виновни за екранизмот на децата“

Дали само со гасење на уредите во домот може да се санира состојбата или неопходни се третмани и од стручни лица?

Имам случаи кога родителите многу брзо се свестиле дека нешто чудно се случува со нивното дете и побарале помош.

Некогаш е доволно само да се изгаси екранот и да се организираат играчките на детето (да не му е хаотична средината).

Во други случаи потребна е стручна поддршка, а времетраењето е секогаш различно.

Имам постигнато успех кај деца во рок од 3 месеца, една година, кај некои процесот трае неколку години, но резултатите се видливи.

Колку подоцна се започне со третман, истиот трае подолго време.

Колку однесувањето на родителите придонесува до оваа појава? Кои свои навики и родителите мора да ги променат за да му помогнат на детето?

За екранизмот директен виновник е возрасниот. Некогаш се тоа родителите, некогаш бабите и дедовците, дадилките кои ги чуваат децата.

Никогаш самото дете, зашто тоа и не би знаело каква забава му нуди екранот ако возрасниот не му го даде.

Јас веќе и не памтам кога сум седнала во некој локал, а во моја близина да нема родители со деца пред кои има таблет или играат игри на мобилен.

Стана вообичаена слика секој на својот уред да гледа, а седат во ресторан на вечера, на кафе…

Проблем е што и возрасните се зависни од екрани, само што развојот кај нив е завршен и последиците не се исти како кај децата.

Ова станува општествен проблем и јас како стручно лице се чувствувам сè повеќе немоќна да влијаам на семејствата. Честопати им велам дека технологијата е во служба на природата.

Ако порано природата одредувала кои се најсилни единки, сега технологијата ѝ помага, па во догледно време ќе имаме група луѓе кои се лидери, на кои генетската предиспозиција им овозможила да не станат зависни од екрани и целосно да го развијат својот потенцијал.

Наспроти оваа група, ќе има друга, зомби група, кои пасивно ќе бидат водени, бидејќи не биле во можност целосно да си го развијат потенцијалот.

Самите родители нека одлучат во која група ќе биде нивното дете.

ljubica-dimovska-defektolog-za-ekranizmot-na-decata-direkten-vinovnik-e-vozrasniot-07.jpg

Како вообичаено изгледа еден третман за екранизам? Колку време трае тој третман и што треба детето да прави?

Третманот опфаќа корекција и стимулација на функциите кои не се појавиле или се со послаб квалитет како последица на изложеност на екрани.

Иако секое дете е единка за себе, генерално, сè започнува од вниманието, кое е многу краткотрајно и не дозволува детето да прими информации кои потоа ќе ги обработува, ќе ги класифицира и ќе ги користи во иднина.

Се стимулира визуомоторната контрола, функционалната употреба на рацете, се стимулира детето да експериментира со тридимензионални предмети (на екраните гледаме само две димензии) и се стимулираат и коригираат јазично-говорните вештини.

Од која возраст му е дозволено на детето да поминува време пред екран и по колку време?

До втората година детето нема потреба воопшто од екран.

Да слуша музика да, но не и да го гледа изворот на звук.

Табелите со дозволено време за после втората година постојано се менуваат, дури и самите детски канали имаат родителска контрола на која е назначено таа емисија за која возраст е наменета.

ljubica-dimovska-defektolog-za-ekranizmot-na-decata-direkten-vinovnik-e-vozrasniot-09.jpg

Дали екранизмот има некаква поврзаност со содржините што децата ги гледаат или се јавува само како последица на долгото време поминато пред екран?

Содржината не игра никаква улога. Ова е опширна тема, ќе се обидам накратко да објаснам.

За правилно да се развива детето, потребно е да му бидат активни рацете - да фаќа предмети, да ги врти низ раце, да ги става во уста, да ги удира еден од друг, да ги фрла, а сето тоа да е следено со очите.

Ова се нарекува визуомоторна координација.

Потоа, говорот го развива во двонасочна комуникација со возрасниот, најчесто мајката, преку заемно разменување и имитација на звуци од двете страни и размена на позитивни емоции.

Исто така, детето треба да гледа три димензии, да го развива стереоскопскиот вид и да прави истражувачки движења со очите (да ја бара во купот играчки конкретната која ја помислило или која се бара од него).

Сите овие процеси го стимулираат мозокот и овозможуваат детето да учи и да ја запознава околината, да стекнува знаења соодветни за неговата возраст.

Наспроти ова, дете седнато пред екран, не мрда со рацете, зашто нема што да прави со нив, со саати гледа само две димензии.

Екранот си зборува, не бара од него да повтори, не создава емотивна врска. И ова трае, со саати, денови месеци.

Сите предуслови за уреден развој се изоставени.

Како резултат имаме дете кое ги знае бројките, буквите, боите, англиски зборува, пее песни кои ги слушнало итн., наместо да каже: „Мама дај …“ и да покаже со прст.

Проблемот е што и родителите за предност ги сметаат знаењата на нивното дете стекнати од екрани и се збунети зошто не знаат нешто што е навидум поедноставно од тоа.

ljubica-dimovska-defektolog-za-ekranizmot-na-decata-direkten-vinovnik-e-vozrasniot-13.jpg

Во минатото велеа дека ние сме генерација што расте пред телевизори, но не се соочувавме со вакви состојби… Според вас, кој е главниот проблем заради кој се јавува кај денешните деца?

Мојата генерација имаше неколку детски емисии, цртани филмови во 19.00 и на прсти се броеја филмови и серии кои одеа на ТВ.

Поголемиот дел од времето го поминувавме надвор во игра.

Денес програмата трае без прекин. Ние како возрасни сме одговорни за тоа колку време поминува детето пред екран.

И самите кажувате, ние сме биле ТВ генерација, не ЕКРАН генерација, а содржините за деца биле помалку на број.

ljubica-dimovska-defektolog-za-ekranizmot-na-decata-direkten-vinovnik-e-vozrasniot-10.jpg

Што би им препорачале на родителите кои забележуваат симптоми на екранизам кај децата?

Кај мене доаѓаат ризично родени деца, од раѓање до шестгодишна возраст.

Ако пред десетина години, за екранизам им зборував некаде околу втората година, кога и забележував дека има отстапувања во развојот, сега тоа го правам од првото доаѓање и го повторувам на секоја наредна процена.

Се надевам дека делувам превентивно кај најголем број од семејствата.

Според мене превенцијата е од непроценливо значење и би сакала да има многу повеќе емисии, советувалишта и програми за едукација кои ќе делуваат на ставот на родителот да не вклучи екрани, отколку да ги санираме штетите од претерана изложеност на истите.

ljubica-dimovska-defektolog-za-ekranizmot-na-decata-direkten-vinovnik-e-vozrasniot-12.jpg

Б. С. Б. | Црнобело / фото: depositphotos.com



Би можело да ве интересира:

Д-р Драгана Емел Маркоска, педијатар: „Магија за имунитет нема – не давајте антибиотик сами и не трч... „Здраво дете може да биде болно 7-8 пати годишно. Нормално е тоа, важно е да не ...
Стефан Лазаров за љубовта со Марта: „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успе... „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успеси и падови. Ние...
Милица Павловиќ за CRNOBELO: „Немам емотивен партнер, можеби Македонец ми е судбина“ „Да не беа моите баба и дедо, немаше да сум толку решителна. Нивните крилја ми б...
Слаткар за татковството: „Цел живот чекав да станам татко“ „На Моша му читам, ама како да не ми ги сака приказните, ко да знае дека си ги и...
Ивана Лескароски за тешката животна борба: „По двете загубени деца, посегнав по животот, но Бог ми г... „Моментот кога една жена наместо со бебе во рака завршува само со неговата облек...
Љубовната приказна на Јелена Спенџарска и Лукас: „Поради мене сакаше да се пресели во Скопје“ „Јас имав трема кога го запознавав со моите, тој беше опуштен. Си се спремаше, к...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg