Кенијката Нана за љубовта со Влатко од Сопиште: „Неговите ме прифатија од првиот ден, ме научи да готвам македонска храна“
- Детали
- четврток, 16 мај 2024
„Првиот ден кога Влатко пристигна во Кенија, им кажав на родителите дека ќе дојдеме да го запознаат, а тие го пречекаа со голема забава на која беше целото мое семејство. Моите родители го засакаа од почетокот, исто како и моите браќа и сестри“, вели Кенијката Нана, која наскоро ќе се мажи за Влатко од скопско Сопиште.
Вини Нана Мурити од Кенија наскоро ќе стане македонска снаа. Таа веќе една година е во врска со Влатко Петрушовски (38) од скопско Сопиште, па вели, со нетрпение очекува името наскоро да го смени во Нана Петрушовска.
30-годишната Кенијка од градот Меру работи како консултант во компанија за медиуми, но таа е и модел, судија на избори за убавина и тренер на девојките кои се пријавуваат на овие избори, а работи и како шминкерка и прави маникир.
Со својот свршеник Влатко живеат во Кенија, во областа Диани. Иако досега не дошла во Македонија, Нана знае многу за земјата на својот иден сопруг, полека учи македонски, иако ѝ оди тешко, ги сака ората и нашата музика.
Таа е постојано во комуникација со своите идни свекор и свекрва, за кои вели дека се прекрасни луѓе.
Во разговор за CRNOBELO.com, таа ни раскажа за нивната необична љубовна приказна:
Како се запознавте со Влатко и пред колку време ја започнавте врската?
Се сретнавме на 20 април 2023 година, на денот на неговиот роденден. Влатко планирал да отпатува во Занзибар на одмор, а јас во тоа време работев како консултант во туристичка агенција која работи со групи и агенции, а организира патувања за Кенија, Танзанија и Уганда.
Тој ми пиша на Фејсбук за да ги потврди информациите за патувањето, па продолживме да комуницираме преку мејл за да ги дефинираме сите детали и информации што ќе му бидат потребни.
По околу две недели, разменивме броеви и продолживме да разговараме на WhatsApp. И, така започна сè.
Си се допаднавме еден на друг и комуникацијата беше добра, па тој наеднаш го смени планот - се откажа од идејата за одмор на Занзибар и одлучи да дојде на одмор во Кенија, во Диани, за да се запознаеме.
Искрено, не мислев дека толку брзо ќе реагира. Но, меѓу нас постоеја искри и, по само еден месец, тој ме изненади кога кажа дека резервирал лет за Кенија.
Се запознавме истиот ден кога тој слета во Кенија, па отидовме да ги запознае моите родители, бидејќи многу сакаше да го направи тоа. Оттаму отидовме на одмор во Диани кој траеше 3 месеци.
Тој ми кажа дека сака да му бидам девојка и секој ден поминат со него беше преубав. Влатко остана во Кенија до август, кога му истече визата, па мораше да се врати дома.
Што беше тоа кај Влатко што те натера да се заљубиш во него?
Тоа дефинитивно би било неговото срце. Влатко има златно срце, како детско срце, нежно и најљубезно. Тој може да ги надмине сите граници за луѓето што ги сака.
Тој секогаш ме прави среќна, а покрај него се чувствувам безбедно.
Дури и пред да се запознаеме, во тој еден месец кога комунициравме, имав убаво чувство во врска со него.
Ние се разликуваме еден од друг, но срцето е најважно. Среќна сум и благодарна на Бога што го запознав.
Каков е Влатко? Кој е неговиот најдобар квалитет?
Тој е грижлив, заштитнички настроен, вреден, доверлив, верен и најважно од сè - знае како да сака.
Тој е и добар готвач, па јас научив да готвам различна храна од македонската кујна.
А, дали има работи што ги прави тој, а што ти одат на нерви?
Јас и Влатко сме тотално различни според нашите култури и во нашиот начин на живот, па двајцата имаме по една или две работи што ги правиме, а што му одат на нерви на другиот.
Но, тоа е исто како кај секој друг пар, претпоставувам.
Сепак, учиме да најдеме заеднички јазик и се трудиме да зборуваме за сè за да бидеме прилагодливи еден на друг.
Тоа нè одржува - секогаш наоѓаме начин да се сакаме повеќе отколку да трошиме енергија на лошите работи.
Се соочивте ли со пречки на почетокот на вашата врска?
Јазичната бариера беше една од главните работи. Влатко не зборува совршен англиски јазик, па моравме секој ден малку по малку да учиме и македонски и англиски јазик.
Друга бариера беше различната култура. Адаптирањето на нешто ново во нова земја не е лесно, храната и луѓето и сето што доаѓа со тоа.
Но, од почетокот се обидувавме да најдеме алтернативи и за кратко време, стана подобро. Влатко не е пребирлив и тоа многу помогна во адаптирањето.