Кенијката Нана за љубовта со Влатко од Сопиште: „Неговите ме прифатија од првиот ден, ме научи да готвам македонска храна“
Како твоето семејство го прифати него и дали неговото семејство те прифати тебе?
Моето семејство е многу весело, скромно и знае како да покаже љубов. Кога им се јавив на моите родители дека доаѓаме дома за да го запознаат Влатко, нè пречекаа со голема забава на која беше целото мое семејство, но и членови на поширокото семејство.
Можете да го замислите изненадувањето на Влатко кој уште првиот ден имаше средба со цела фамилија. Моите родители го засакаа од првиот ден, исто како и моите браќа и сестри.
А, неговото семејство ме прифати уште пред тој да дојде во Кенија. Се сеќавам, со целото негово семејство разговарав преку видеоповик пред Влатко да пристигне тука. Неговите родители ги запознаа моите родители тогаш.
Љубовта од неговиот татко и неговата мајка е магична и јас го ценам тоа со целото мое срце, што имам ново семејство кое ме сака.
Досега не сум ги запознала неговите родители во живо. Имавме проблеми со мојата виза и документацијата кога требаше да одам во Македонија со Влатко лани во август, но дефинитивно ќе одиме во посета наскоро.
Значи, ти сè уште не си ја посетила Македонија?
Не, но едвај чекам да се сретнам со моето идно семејство и да ја истражам богатата култура на земјата. Мислам дека Македонија е едно од оние места што секој ги сака.
Има навистина прекрасни места и споменици, тоа е домот на мајка Тереза, Александар Велики и многу други, земја на многу планини, цркви, едно од најстарите езера...
А, фактот што ја сакам природата, ме привлекува уште повеќе. Македонија нуди работи кои сакам да ги искусам.
Инаку, ги сакам македонските ора, што всушност ме прави блиска до вашата култура. Мајката на мојот вереник ми испрати видеа, па учам како да играм ора гледајќи ги.
Од моментот кога го запознав Влатко, многу интересно и возбудливо ми беше колку различно зборува македонскиот народ од нас и колку ви е различна азбуката.
Јазикот ми делува интересен да се научи и изговара, иако е навистина тешко на почеток.
Ја обожавам и македонската храна, за мене таа е една од највкусните. Имам вкусено различни јадења од различни земји, а имаме и ние разновидна кујна во Кенија, но можам да ѝ дадам висока оценка на македонската храна.
Драго ми е што мојот свршеник ми помага да научам како да готвам македонска храна, а учам и од Јутјуб. Наскоро ќе отворам канал „Кујната на Нана“.
Ми се допаѓа и што луѓето се отворени и искрени, што не се ладни луѓе, ми се допаѓа што се дружат со семејството.
Она што не ми се допаѓа, од моето досегашно искуство, е нервозата, или како што јас ја нарекувам „чувствителноста“ на луѓето. И тоа што се понекогаш многу гласни. Сакам кога гласно се смееме, но не и во други ситуации.
Кои се најголемите разлики меѓу Македонија и Кенија?
Тоа дефинитивно би биле културата, храната и начинот на живот. Македонија има многу поразлични јадења од Кенија, но кој не би сакал ајвар, селско месо, шопска салата и сарми.
Различен е и начинот на живот и како луѓето се поврзуваат едни со други.
Ние како народ сме потивки, а Македонците се малку гласни, но тоа е добро понекогаш затоа што има смеа. Гласна смеа и среќа.
Македонската култура, особено народните танци, е добра, но мислам дека и ние имаме богата култура овде во Кенија, особено нашата Масаи култура. Ние сме гордоста на Африка.
Мило ми е што сега делам две култури.
Влатко во април славеше роденден, а ти му направи интересна забава. Како си поминавте?
Неговиот роденден беше на 20 април, а тој наполни 38 години. А бидејќи се запознавме на неговиот роденден, сакав тоа да му биде посебен ден.
Затоа му организирав забава во ресторан во Диани, помислив дека би било добро да се чувствува како дома, бидејќи беше во Кенија, а не во Македонија.
Ми се допаѓа македонското знаме со ѕвездата од Кутлеш, особено боите. Црвената ми е омилена боја, па одлучив да му направам роденденска торта со старото македонско знаме.
Не знаев дали оваа идеја ќе му биде привлечна, но дава чувство на припадност.
Слушаш ли македонска музика, дали ти се допаѓа?
Не само што ми се допаѓа македонската музика, туку ја обожавам. Се сеќавам кога првпат видов едно македонско оро, вежбав два часа за да можам да го играм. Би сакала да знам да танцувам и да знам да пеам.
Свекрва ми многу добро игра, а јас постојано си ги гледам нејзините видеа.
Дали знаеш некои македонски зборови или фрази?
Да, знам некои зборови и се обидувам да научам и други за да бидам вклучена во сè во текот на видеоповиците со семејството на мојот свршеник.
Знам зборови како: како си, добро утро, добра вечер, како ти помина денот, благодарам, добредојдовте, се гледаме наскоро, ве молам, извинете... Ги знам и броевите и македонската азбука.
Сега се фокусирам на тоа како да ги поврзам и да зборувам.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело