Горан Пандев за татковството: „Присуствував на раѓањето на трите деца, најубаво ми е кога ќе заспиеме заедно гушнати“
- Детали
- петок, 10 ноември 2023
„Моите три деца се родени во Италија. По нивното раѓање, кај нашите семејства во Македонија имаше големо славење, радости, забави. Во тој период ми беше многу жал што не можев да бидам таму и да ја споделам радоста со нив. Даваа мекици за трите деца, а јас никојпат не бев присутен. Професионалните обврски ми скратија многу среќни моменти“, вели Горан Пандев за CRNOBELO.com.
Еден од најдобрите македонски фудбалери на сите времиња, и поранешен капитен на репрезентацијата, Горан Пандев, има три деца: синот Филипо (13) и ќерките Ана (12) и Софиа (5).
Иако во времето кога се родија, Горан беше на врвот на својата кариера, и постојано беше на пат со клубовите во коишто настапуваше, но и со македонската репрезентација, тој во разговор за CRNOBELO.com ни призна дека најубаво му било кога ќе си дојде дома и ќе заспие гушнат со нив.
Денес, има многу повеќе слободно време и постојано е покрај нив, и се труди, заедно со сопругата, да ги изведе на прав пат.
За тоа како се снаоѓа во улогата на татко, Горан Пандев ни откри детали во интервјуто:
Беше ли покрај сопругата Надица додека таа се породуваше или поради обврските секогаш беше на пат?
Присуствував на породувањето на Надица со сите три деца.
Убаво се сеќавам кога првпат ги видов децата. Чувството не се опишува. Во тие моменти бев најсреќниот човек на светот.
Како го славеше раѓањето на синот и ќерките? Дали вашите семејства во Македонија правеа мекици?
Моите деца се родени во Италија. По раѓањето на сите три, кај нас во семејствата имаше големо славење, радости, забави.
Во тој период ми беше многу жал што не можев да бидам таму и да ја споделам радоста со нив. Се сеќавам, мајка ми даваше мекици за трите деца, а јас никојпат не бев присутен.
Професионалните обврски ми скратија многу среќни моменти.
Кога беа бебиња ѝ помагаше ли на сопругата во обврските со нив?
Да бидам искрен, јас многу малку бев присутен дома.
Игравме секој трет ден натпревари, имаше многу карантини, патувања и, за жал, многу малку се радував на нивното детство.
Едноставно, сопругата беше сè дома.
А јас се трудев тој мал слободен период да го искористам да излеземе со нив, да заспиеме заедно гушнати.