Горан Пандев за татковството: „Присуствував на раѓањето на трите деца, најубаво ми е кога ќе заспиеме заедно гушнати“
Колку е голем предизвикот да се биде добар татко, особено со твојата професија, поради која често патуваше?
Предизвикот е огромен. Неприсуството на родителот може да биде од голема штета за децата.
Но, јас едноставно имам жена што не дозволи тоа мое отсуство да не се забележи многу, и поради тоа сум ѝ многу благодарен.
Како е да се биде татко на три деца? Кое од трите е најприврзано за тебе?
Чувството е прекрасно, среќата е неизмерна.
А од друга страна е и напорно, бидејќи секое дете е различно и си бара внимание.
Но, приврзан сум со сите три подеднакво.
Филипо и Ана се веќе прилично пораснати. Дали се свесни кој е нивниот татко, колку е успешен? Се гордеат ли со тебе?
Да, точно, Филипо и Ана се веќе повозрасни и свесни се за мојата големина.
Тоа не им пречи, добро се носат со тоа и горди се на мене.
Се надевам дека така и ќе продолжат, бидејќи знаат дека носат огромен товар со моето име.
Но, како што кажав, среќни се за тоа.
Колку се разликуваат децата карактерно? Кое од нив најмногу те потсетува на тебе, а кое на сопругата?
Сите три имаат различен карактер, и според карактерот на мене најмногу потсетува најмалата Софиа.
Инаку, тројцата повеќе личат на мојата сопруга отколку на мене.
Имињата, пак, ги биравме заедно со Надица, беа наша желба.
Дали си строг родител или си повеќе другар со децата?
Не сум строг родител. Сакам на децата да им го покажам вистинскиот пат, па се трудам да бидам како другар со нив.
Знаеме во какво време живееме и се надевам дека сите три ќе одат по вистински пат.