Александар Крстевски, фотограф: „Сум бил во близок контакт со диви животни, сум се нашол во лоши временски услови - секое патување е посебна приказна“
- Детали
- недела, 08 октомври 2023
„Македонија има многу природни и културни убавини, голема разноликост на мал простор. Независно дали е на планина или покрај езеро и река или во некое напуштено село или во самите градови, секогаш може да се забележат работи кои сами по себе се доволно привлечни и инспиративни и посакувам да ги забележам со сопствениот апарат“, вели Александар Крстевски за CRNOBELO.com.
Александар Крстевски по потекло е од Охрид, но веќе долго време живее во Скопје. Има завршено правен факултет и психологија, а моментално работи како психолог. Фотографијата му е најголемо хоби, заедно со патувањето и откривањето на нови места.
Во продолжение следува разговор со Александар кој ни открива повеќе за неговите фотографии, како и за сите авантури и искуства што ги има доживеано низ Македонија трагајќи по прекрасни кадри и моменти што сака да ги прикаже на естетски начин.
Разговорот ќе го започнеме со навраќање во твоето минато. Кои се твоите почетоци како фотограф? Се сеќаваш ли на првите фотографии што те мотивирале да се занимаваш со оваа уметност?
Почетоците со фотографирањето ми сè уште во детството и во ова хоби голем удел има мојот татко, кој исто така се занимавал со фотографирање.
Во домот во Охрид имаме голем број на фотографии кој тој ги направил во своето време и јас постојано бев во допир како со фотографиите. така и со апаратите. Секако, тоа ми беше мотивација да размислувам и експериментирам со фотографирање.
Сепак, во вистинска смисла, интензивно почнав да се занимавам со фотографија на 20 години, а првите успешни фотографии ги направив токму во Охрид.
Една од првите фотографии која ја чувам во мојот дом и ми е врамена е еден летен залез на плажата Потпеш и Канео. Генерално тоа што ме мотивира да фотографирам е потребата сите убавини со кои сум опкружен во даден момент да ги доловам и прикажам на што е можно поестетски начин.
Од она што може да видиме на твојот Инстаграм профил постојано си во движење и во откривање на нови места. Што те инспирира да ја истражуваш Македонија со твојот фотоапарат?
Македонија има многу природни и културни убавини, голема разноликост на мал простор. Независно дали е на планина или покрај езеро и река или во некое напуштено село или во самите градови, секогаш може да се забележат работи кои сами по себе се доволно привлечни и инспиративни и посакувам да ги забележам со сопствениот апарат.
Јас сум голем љубител на природата, а Македонија изобилува со природни убавини и тоа секогаш ме поттикнува да го забележам на фотографија на свој автентичен начин.
Може ли да споделиш некое авантуристичко искуство што го имаш доживеано на твоите патувања низ Македонија?
Секое патување низ Македонија е авантура за мене, секогаш се доживува некое ново искуство, се открива нешто ново кое претходно не сум го открил. Самата моја потреба за откривање на непознатото ми е авантуристички момент, но секако сум имал многу различни искуства од патувањата низ Македонија.
Особено возбудливи биле патувањата во дивината, низ македонските планини, по напуштените села.
Имало разни ситуации, како близок контакт со диви животни во планинските области. Да се најдам во лоши временски услуги, или да се премине некоја надојдена река или непристапен предел, и секој таков миг со себе носел чувство на возбуда и бил авантура која се памети засекогаш.
Александар колку твоето патување како фотограф низ Македонија ти овозможи подлабоки културни сознанија за нашата земја?
Секое патување низ Македонија е посебно. Секогаш има нешто ново кое ќе го научам за Македонија.
Постојат места кои сум ги посетил многу пати и секојпат учам нови работи за истите. Македонија има богата и разнолика култура, и на тоа сум посебно горд.
Низ моите патувања научив многу за културата, историјата, луѓето и природните убавини на земјата.
Што е она што најмногу сакаш да го фотографираш во Македонија?
Најмногу сакам да ги фотографирам природните убавини на Македонија, но секако сакам да го забележам и животот на луѓето, нешто кое досега не сум го фотографирал многу, а сметам дека е вредно да се пренесе и на фотографија.
Исто така сакам да ги фотографирам различните градби кои настанале низ историјата, како што се црквите и манастирите, археолошки локалитети, тврдините, градската и селска архитектура и сè што привлекува со својата посебност и убавина.
Кои ти се омилени места низ Македонија што ги имаш фотографирано досега?
Имам многу омилени места за фотографирање во Македонија. Охрид и Охридското Езеро и целиот тој регион секогаш се посебно инспиративни за фотографија. Со оглед дека сум по потекло од Охрид и често сум присутен таму имам многу фотографии од тој крај.
Покрај Охрид, особено омилени за фотографија ми се планинските предели како што се Кораб, Бистра, Баба Планина, регионот на Преспа, а особено уникатен мотив за фотографија ми се и Маркови Кули кај Прилеп, кој со својата посебност е особено привлечен за фотографирање на изгрејсонце и зајдисонце.
Кањонот Матка, водопадите на Беласица, селата низ Мариово, Малешевските и Осоговските планини и многу други.