Александар Крстевски, фотограф: „Сум бил во близок контакт со диви животни, сум се нашол во лоши временски услови - секое патување е посебна приказна“
Ти се има ли случено да налеташ на некое место за кое претходно не си бил свесен дека постои?
Има многу места на кои сум налетал, а не сум ни знаел дека постојат, и такви места во Македонија има многу.
Особено кога патувам низ планинските и селски места секогаш наидувам на нешто ново кое претходно не сум го забележал. Стари цркви, напуштени воденици, пештери, археолошки локалитети, природни реткости…
Македонија изобилува со воодушевувачка природа. Какви радости и нови хоризонти ти се отвораат со доловување на убавината на нашата земја?
Секое патување низ Македонија и сите тие убавини на кои сум налетал секогаш во мене предизвикувале чувство на среќа. Често посетувам и места кои сум ги посетил повеќепати, но доживувањето е секогаш различно, секогаш кај мене е присутна радоста од секој неповторлив миг и секое фотографирање иако можеби на веќе посетен локалитет е различно, никогаш не се повторуваат фотографиите од едно исто место колку и пати претходно тоа да било фотографирано.
При секое ново посетување се трудам да ја усовршам фотографијата и да биде што е можно поестеска од претходниот пат.
Кои се највпечатливите луѓе што ги имаш запознаено досега на твоите патувања?
Секое патување е можност да се запознаат нови луѓе, и секој човек има своја приказна за раскажување. Како што самите локалитети низ Македонија се посебни, така и луѓето што сум ги запознал биле посебни.
Особено интересни се луѓето во селските средини бидејќи можат многу да ви раскажат за селото и околијата во која се наоѓате.
Тие имаат многу сведоштва за настаните кои се случиле во нивното место, за историјата на градбите, но и за мистични работи и мудрости од нивното поднебје. Секако патувајќи и низ македонските градови сум запознал луѓе со интересни животни приказни, а со многу од нив сум во постојан контакт и при секое навраќање во нивното место се видуваме.
Како одлучуваш кои фотографии да ги споделиш и кои приказни и пораки да ги пренесеш?
Изборот на фотографии што ги споделувам е секако личен и тоа е некоја потреба да се презентира она што е најубаво во дадениот миг од местото коешто сум го посетил. Секогаш се трудам да задржам некој стандарди при фотографирањето, а секако и да внесам она што е автентично.
Каков совет би им дал на младите кои имаат желба да се занимаваат со фотографија?
На сите млади луѓе кои сакаат да се занимаваат со фотографија им посакувам да бидат истрајни и посветени во фотографирањето. Секогаш да експериментираат со процесот на фотографирање бидејќи на тој начин ќе се усовршат во фотографијата и да бидат автентични во тоа што го прават.
Фотографирањето е голема уметност и хоби кое ја развива креативноста кај човекот и поттикнува чувства на среќа и успех од тоа што се прави.
© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: Е. Х. | Црнобело