Леонид Вандевски, атлетичар: „Пред натпревар избегнувам користење на социјалните мрежи, а дисциплината е неразделен дел од атлетиката“
- Детали
- понеделник, 04 септември 2023
„Неуспехот е дел од животот и е нешто што сите мора да го прифатиме бидејќи најголемите лекции се учат кога човек нема да успее во нешто. Според мене, неуспехот треба да се гледа само како еден вид на препрека којашто треба да ја надминеш со цел да станеш подобар. И е многу подобро да доживееш неуспех од којшто ќе научиш нешто, отколку да доживееш успех и единственото нешто што си го добил е поголемо его“ - вели за CRNOBELO.com, атлетичарот Леонид Вандевски кој го освои државниот рекорд на 1.500 метри.
Леонид Вандевски (23) од Прилеп веќе 13 години се занимава со атлетика, а во последните 3 години е сериознo посветен на овој спорт.
Покрај многуте бројни успеси го има освоено и државниот рекорд на 1.500 метри.
Во разговор за CRNOBELO.com, Леонид ни открива повеќе детали за својата мотивација, за тренинзите и како изгледа животот на еден атлетичар со големи соништа.
Следува целиот разговор со Леонид:
Се сеќаваш ли на клучниот момент кој ја разгоре желбата во тебе да станеш атлетичар?
Да, многу добро се сеќавам на тој момент, тоа беше во октомври 2013 година на Државното првенство за пионери до 15 години.
Ова првенство се одржуваше на атлетската патека во Куманово.
Јас настапував во најдолгата дисциплина којашто беше 600 метри.
Тоа беше и моја прва атлетска трка во мојата кариера на којашто успеав да победам со време од 1,58.
Неколкупати си бил младински првак на 1.500 метри и 800 метри, а имаш освоено и државен рекорд на 1.500 метри. Што значат за тебе овие достигнувања во твојата атлетска кариера?
Иако рекордот беше во моја сопственост само 1 година, тоа беше едно од моите најголеми достигнување во спортот, едноставно бев пресреќен и е нешто што секогаш ќе го памтам.
А прашајте кого сакате и сите ќе ви кажат дека е преубаво чувството да се наречеш себеси државен шампион.
Сите овие достигнувања ми дадоа до знаење дека ако доволно се посветам би можел и професионално да се занимавам со овој спорт.
Кои аспекти од атлетиката ти се најпредизвикувачки?
Па според мене најпредизвикувачки аспект би била менталната спремност, бидејќи секој може да се подготви и да тренира одреден временски период за одредена трка, ама кога ќе дојде денот на трката и не го оствариш она за коешто и самиот знаеш дека си спремен и сите показатели на претходно сработените тренинзи го укажуваат истото, единственото нешто коешто те запира се менталните бариери во нашата глава.
Затоа според мене менталната спремност е нешто што секој мора да работи, почнувајќи од мене.
Постои ли некој специфичен ритуал или рутина кои ти помагаат ментално да се подготвиш пред натпревар?
Да, нормално.
Нешто што често правам пред натпревари е колку што можам подалеку да се држам од социјалните мрежи и телефонот бидејќи ми го нарушуваат фокусот којшто е многу битен во овие моменти.
Паралелно се сеќавам на сите тренинзи коишто сум ги поминал за да го побијам на некој начин оној глас на сомнеж којшто често знае да излезе точно пред натпревари.
Тоа ми ја крева самодовербата и гледам да сум присутен во сè што правам, тука се и медитациите или само свесното дишење бидејќи главата знае да ни одлета на различни места во вакви ситуации.
Сега кога максимално си посветен на атлетиката кои долгорочни цели се стремиш да ги оствариш?
Па најголемата цел е да бидам подобар од тоа што сум бил претходно, ама, да бидам искрен исто така би сакал да ги срушам државните рекорди на 1.500 метри и 3.000 метри, како во сала така и на отворено и државниот рекорд на 3.000 метри стипл.
Како успеваш да ги балансираш напорните тренинзи со други аспекти од твојот живот?
Ова е нешто на коешто и самиот треба доста да работам.
Да бидам искрен, секогаш е различно и не секогаш можам да имам добар баланс, ама, како што споменав и погоре, тоа е нешто на коешто работам посветено.
Но, кога ќе ми се укаже можност гледам да поминам колку што е можно повеќе време со мојата фамилија и со моите пријатели коишто се битен дел во тоа што сакам да го остварам со спортот.