Сипхокази Трпкоски од Јужноафриканска Република е македонска снаа: „Сакам пастрмалија и ракија, Охрид ми е омилен, уште го учам јазикот“
- Детали
- сабота, 29 јули 2023
„Македонската свадба е за мене е најубавата македонска традиција. Многу е убаво и интересно да се сведочи на овој чин, особено затоа што љубовта е убава. Традициите се важни и треба и понатаму да се зацврстуваат и практикуваат“, вели Сипхокази Трпкоски, која пред 5 години се омажи за штипјанецот Дарко, па сега живее во Македонија.
Сипхокази Трпкоски (35) од Јужноафриканска Република веќе 5 години живее во Скопје заедно со сопругот Дарко (39).
По професија, оваа млада жена е терапевт за масажа, но во моментов е невработена. Дарко, пак, е фитнес тренер од Штип.
Иако од различни краеви на светот, Сипхокази и Дарко се запознале на крузер, каде што работеле двајцата.
Љубовта меѓу нив била неизбежна, но кога им завршиле работните договори на крузерот, морале да се разделат.
По една година врска на далечина, сфатиле дека не можат еден без друг, па се венчале во Јужна Африка. Потоа се преселиле во Македонија и тука се родил нивниот син.
Како е да се живее далеку од родната земја, што ѝ е омилено во Македонија и кои се предизвиците со кои се соочила Сипхокази откако се преселила кај нас, прочитајте во интервјуто за CRNOBELO.com:
Кој ти беше првиот впечаток за земјата?
Тоа е прекрасна земја со најубави погледи и места за посета.
Она што најмногу ме изненадува е времето овде - летата се екстремно топли, а зимата всушност не е толку студена како што очекував да биде.
Дали лесно го совлада македонскиот јазик?
Јазикот полека го учам. Претежно разбирам, но тешко ми е да одговорам на македонски.
Како се запознавте со Дарко? Како почна вашата љубовна приказна?
Се запознавме на крстарење каде што работевме и двајцата.
Се забавувавме на далечина откако ги напуштивме нашите работни места и една година подоцна се венчавме во Јужноафриканска Република.
Оттогаш сме заедно, а сега имаме и 2-годишен син.
Како беше прифатена тука од семејството на сопругот и од околината?
Сите ме примија добро. Повеќето луѓе сакаат да дознаат нешто повеќе за мене и од каде доаѓам.
Но, има и многу луѓе кои зјапаат кога ме гледаат, ама сега веќе се навикнав на тоа.
Кои се предизвиците да се биде во брак со маж од друга култура?
Најпредизвикувачки се културните и традиционалните разлики.
Да се дојде од различно воспитување и да се обидеш да ги измешаш тие искуства понекогаш е предизвик.
Како е да се биде мајка во земја која не е твоја татковина?
Искрено, мислам дека би ми било многу полесно во познато окружување.
На почетокот беше многу страшно и тешко. Постојано се прашував како ќе се снајдам, но мојот сопруг е многу добар татко, па тоа го направи процесот помалку стресен.
Има една изрека кај нас дома: „Потребно е цело село за да се израсне дете“.
А јас го имам тоа „село“ од луѓе кои ми помагаат - моето семејство, моите свештеници, пријателите, соседите кои ми помагаат на секој можен начин со синот кога ми треба помош.