Теодора Мицеска (17), пејачка: „Се трудам македонската изворна музика да не се пее само во Македонија, туку и надвор од границите“
- Детали
- среда, 02 август 2023
„Негативни коментари ќе има секогаш, колку и да си одличен, колку и да имаш квалитет и успех. Ретки се коментарите од други луѓе на социјалните кои ќе ти кажат: 'Браво и продолжи понатаму со твојот успех'. Многу често ќе налетам на коментари од типот на: 'Што глупост на песна и пеење е сега ова?'”, открива за CRNOBELO.com Теодора Мицеска, 17-годишна пејачка која пее македонски изворни песни.
Везот македонски уште одамна ја везе нашата традиција. Го испреплетува нашето минато и зборува за местото каде што одекнувала песната македонска. За чорбаџиската софра и за селската чешма каде за првпат се испишале стиховите на македонските народни песни.
Во времето на турбо-фолк музиката и измислениот auto-tune којшто е омилен за слушање кај младите, битолчанката Теодора Мицеска сè уште го везе везот пеејќи ги изворните македонски народни песни. Таа е реткиот пример на тоа дека звукот на овие песни сè уште живее кај младите.
Теодора Мицеска (17) од Битола, ученичка во средната стручна гимназија, е млада талентирана пејачка која пее македонски изворни песни. Со нејзиниот талент и настапувањето на голем број фестивали надвор од земјата стана вистински амбасадор на Македонија.
Во интервју за CRNOBELO.com Теодора говори за нејзината љубов кон народната изворна музика:
Живееме во свет каде младите сè повеќе слушаат модерна музика, па според тоа, како се одлучи твојот музички правец да се движи кон македонските изворни народни песни?
Сите луѓе имаат различен вкус и стил на музика, сите ние сакаме нешто различно и тоа е убаво. Најголемиот виновник за мојата љубов кон изворната музика беше мојот дедо, мојата најголема поддршка и покрај неговото отсуство. Оној кој ме задои со тие песни, кој ме научи да ја сакам и негувам нашата традиција. Ова што денес го правам е само за него и поради желбата за пеењето.
Имаме многу богата изворна музика, можам да кажам дека таа е едно наше најголемо македонско богатство, за кое ни самите ние не сме свесни што поседуваме, што оставиле нашите предци за нас. Го сакам овој стил на музика и ќе го негувам до краj.
Во морето на турбо-фолк, хип-хоп и рап музиката која денес им е омилена на младите, колку е тешко за тебе како почетник да се справиш со негативните коментари, критиките и исмевањата поради тоа што пееш изворна народна музика?
Често знам да слушнам како младите ме исмејуваат: „Тој вашиот е некаков поинаков застарен стил на музика“.
ДА, застарен стил на музика. ДА, точно е дека ние сме поинакви од другите затоа што вредноста на изворната музика е неспоредлива со турбо-фолк.
Турбо-фолк песните се пеат од денес за утре и подоцна истите се заборавени, додека изворните песни, сакале ние или не, факт е дека живееле, живеат и ќе живеат.
Јас како личност која ја негува таа музика ќе се трудам до крај да се пее не само во Македонија, туку и надвор од границите на нашата држава.
Негативни коментари ќе има секогаш, колку и да си одличен, колку и да имаш квалитет и успех. Ретки се коментарите од други луѓе на социјалните кои ќе ти кажат: „Браво и продолжи понатаму со твојот успех“.
Многу често ќе налетам на коментари од типот: „Што глупост на песна и пеење е сега ова?“
Секогаш ќе има некој подобар од нас, а тоа сме самите ние, ние сме една верзија каде што од ден на ден се подобруваме како личности.
Критиките, исмејувањето од врсниците, гледањето како да им си ривал, нивната љубомора, сето тоа мене ме прави посилна затоа што знам дека навистина вредам и имам квалитет во мене.
Негативните коментари се мојата најголема мотивација.
Знаеме дека беше учесник на голем број музички натпревари, како на национално така и на интернационално ниво. Како е да се биде музички амбасадор на Македонија на толку рана возраст кој има освоено толку многу награди?
Сето е благодарение на една моја значајна, но сега покојна личност, мојот кореограф Златко. Личноста која го виде талентот во мене, желбата за пеење и еден борец кој се труди да ја истакне изворната народна музика.
Не очекував еден музички живот да тропне на вратата и да ме понесе заедно со него. Неочекуваните нешта се едни од поубавите. За мене сè беше како во еден сон, еден настап каде што не бев ни свесна дека се натпреварувам, буквално промени сè.
Со текот на времето ја сфаќам одговорноста и прифаќањето на големи музички ризици, она кое ме прави поумешна и поискусна, да се научам на секаков пораз и секаков успех.
Да се трудам секој свој настап да биде поразличен и подобар, сè со цел да ја истакнам Македонија на врвот на таа листа која стои на таа бина пред илјадници луѓе, кои не ракоплескаат само за мене и мојот успех, туку и за мојата татковина.