Браво! Стефани од Гостивар креира уметнички ремек-дела со кафе (фото)
- Детали
- петок, 30 јуни 2023
Дали знаевте дека со помош на кафе можете да нацртате вистински уметнички ремек-дела? Стефани Стојаноска Наумческа за CRNOBELO.com вели дека сосема случајно дознала за оваа техника, а одлучила да ѝ се посвети затоа што мошне ретко се сретнуваат дела изработени на овој начин.
Стефани Стојаноска Наумческа (26) од Гостивар, по занимање е уметник, а воедно и правник. Таа за читателите на CRNOBELO.com сподели повеќе фотографии од уметничките ремек-дела што ги изработува од кафе, а ни откри и од каде кај неа се родила љубовта кон уметноста.
Стефани за CRNOBELO.com вели:
„Уметноста за мене преставува голема љубов. Uште од мои 6 години бев заинтересирана за неа. Тогаш беше нацртан мојот прв цртеж – куќичка.
Низ годините како што поминуваа со секојдневна работа и посветеност кон уметноста почнав да се усовршувам“ – вели таа.
Стефани на почетоците се занимавала со графика, а денес црта со кафе, со акрил, со масло на платно, темпера, водени бои, ги обожава апстракциите, цртањето мандала, цртање со туш, цртање на дрво и камен, а сака да изработува и карикатури и портрети.
„Најголемо внимание посветив на кафето затоа што е техника на која ретко се наидува.
Ја сретнав случајно на интернет и ми привлече големо внимание.
Идеите ги црпам од секојдневниот живот и сѐ она околу нас. Исто така и од интернет кога ќе видам нешто ново и сакам да пробам“ – открива таа.
Стефани вели дека времето за цртање зависи и од тежината на делото на кое се работи, па така понекогаш е потребно само еден час, а некогаш и ден.
„За цртањето е потребна голема посветеност и љубов, тоа е талент кој што мора да се негува. За мене преставува страст, љубов и дарба“.
Погледнете повеќе фотографии од делата на Стефани:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело