Александар Белов за татковството: „На ќерка ми ѝ читам приказни навечер, ја хранам и ја преоблекувам“
- Детали
- недела, 25 јуни 2023
„Се сеќавам еден ден почнав да ја заспивам ќерката, но сум заспал пред неа. Мина се симнала од креветот, отишла во својата соба и почнала да си игра. Кога се разбудив сфатив дека ја нема. Прво кренав паника, ама ја слушнав како си зборува нешто во нејзината соба и ми стана полесно“, раскажува Алексадар Белов за CRNOBELO.com за сите предизвици во татковството.
Македонскиот пејач Александар Белов (36) пред една и пол година стана татко. Неговата ќерка Мина се роди на 13 јануари 2022, додека Александар имал настап во ресторан за дочекот на Стара Нова година.
Сега, 18 месеци подоцна, тој со многу љубов зборува за татковството и за сите убави и стресни моменти што во овој период ги доживеал со ќеркичката. И денес јасно се сеќава на моментот кога сопругата Јелена му кажала дека се породила.
„Чувството кога ќе си го видиш првпат детето не се опишува со зборови, тоа само може да се доживее“, вели пејачот, кој веќе неколку години живее и работи во Крагуевац.
Во интервју за CRNOBELO.com тој говори за татковството:
Колку ѝ помагаш на Јелена во обврските со Мина - да ја избања, преоблече, нахрани?
Од првиот ден сум вклучен во сè и ништо не ми претставува обврска.
Уживам во улогата на водител, а со сопругата Јелена се трудиме подеднакво да учествуваме во нејзиното растење и сè што е поврзано со Мина.
Дали со од оние татковци што читаат или раскажуваат приказни или немаш време за тоа?
Јас сум баш од оние татковци кои секоја вечер читаат приказни и некако пред спиење тој термин ми е резервиран за неа.
Читаме книги, а јас пробувам на најпрост начин да ѝ ја отсликам секоја приказна.
Мина секогаш ме слуша внимателно, иако е можеби сè уште мала за да разбере.
Но, ете, јас на овој начин се трудам да ѝ посветам доволно внимание.
Ме радува фактот што секој ден памти буквално сè што сме зборувале или гледале низ фотографии и точно знае што следува понатаму.
Како го минуваш времето со Мина? Излегувате ли некогаш сами? Ако да, како си се снашол во тие ситуации, оти мало дете, па ќе му се пријаде, жедно е, сака во тоалет...?
Со оглед на мојата професија и слободното време што го имам, секој ден имам време што ми е посветено на неа.
Нашето секојдневие зависи од временските услови, но се трудам барем малку да се прошетаме надвор претпладне или попладне, тоа е некој наш мал ритуал.
Одиме во парк или низ маалото за да ја запознам со средината во која што расте.
Како секој родител и јас сум опремен со сокче, со вода, бидејќи мало дете ожеднува, но се снаоѓам супер во тие ситуации.