Поранешен ученик за CRNOBELO.com: „Бев исмејуван на училиште поради мојата тежина, добивав погрдни комeнтари“
- Детали
- среда, 21 јуни 2023
„Ви се обраќам вам „големци“, добро сместени на пиедесталот од животот, убедени дека сте најдобри од сите. Ви се обраќам додека стојам во темнината на еден училиштен ходник и додека ја гледам мојата сенка како тоне во мене, плашејќи се гласно да каже дека е моја...“
Додека го носам училиштниот ранец, не дека е лесен, но потешка е осаменоста и болката која тлее во мене. Ја гледам калта на чевлите, но не е дека некаде сум ги извалкал, туку дека другите ме премачкале со неа кажувајќи дека сум „безвредно“ дете кое мора да стои во ќошот на долгиот училиштен ходник и да ја гледа служителката, како со старата метла го мете подот.
Всушност, ја гледам и бледата сенка на едно полно девојче кое облечено во најшироката облека брза да стаса во училницата, му рекле дека никогаш не смее да облече фустан, бидејќи само слабите девојки носат фустани.
А она момче сите го избегнуваат бидејќи е во количка? Најверојатно заборавиле дека постојат случаи каде природата не била толку дарежлива.
Дека постојат деца на кои им е потребна подадена рака, но свесен сум дека вие „големци“ сте навистина големи за нас небитните. Не се прашувајте зошто пишувам вака, пишувам на овој начин бидејќи само вака ќе можам да ве одведам во светот на децата кои, за жал, секојдневно се мета на врсничко насилство и дискриминација.
Навистина е тешко да ја замислиме тежината на чевлите кои едно дете ги носи. Ударите кои секојдневно ги добива ученикот поради темната боја на кожа или пак носењето зад училиштниот двор на девојката без родители за да можат да ја омаловажуваат.
Го отворив црното мастило и бев решен да ја испишам приказната за лузните кои печат како отров од змија. Тоа се лузните на детската сенка која многупати знаат да ја скинат со цел сами да се издигнат. Дискриминацијата и врсничкото насилство се лузната на општество.
За светот исполнет со дискриминација и врсничко насилство за CRNOBELO.com зборува еден поранешен ученик на кој, за жал, училишните денови му оставиле неизлечиви лузни поради постојните навреди и омаловажувања од врсниците.
Овој вовед го пишуваше токму тој, а за CRNOBELO.com одговара уште на неколку прашања:
Ова е навистина тешка тема што отвора стари рани, но дали би ни раскажал за твоето искуство, со каква дискриминација се соочи?
Видете, не беше една конкретна точка на дискриминација, беа повеќе. Ако не се вклопуваш во толпата, таа секогаш наоѓа причина како да направи да се чувствуваш лошо за твојата уникатност и размислување надвор од кутијата.
Најпрво започна од мојата тежина, па сè до моментот кога слушав коментари за мене како сум сакал да бидам различен, како сум се одвојувал од другите и сум седел сам. За тоа јас сум бил виновен.
Виновен бев затоа што не сакав да размислувам како нив, едноставно отсекогаш сум имал многу повисоки цели во животот и големи фантазии кои беа чудни и надвор од границите на размислување на нашето општество – очигледно тоа им сметаше.
Дали твоите родители и блиски пријатели знаеја што ти се случува. Како ти помогнаа да го решиш проблемот?
Како и останатите родители во нашето општество, така и моите никогаш не ја сфатија сериозноста на дискриминацијата спрема мене. Повеќе им беше срам за тоа дека нивното дете е дискриминирано и што ќе помисли толпата за тоа, отколку моето ментално здравје.
Беа свесни дека тоа се случува, им беше жал, но мислеа дека едноставно тоа е само период и дека ќе помине и сè ќе се заборави.
Обично велат дека наставникот е исто како и родителот, па колку беа свесни наставниците за тоа што ти се случува и дали ти помогнаа?
Наставниците се тука за да се обратиш за што и да треба. Да, беа свесни дека постои дете кое се издвојува од другите и не го дружат толку. Но, мислам дека тие никогаш не беа свесни за болката и стресот што го доживува детето.
Повеќе беше – „деца се – тоа е само детска шега“. Мислам дека никој не е свесен за колку длабока штета може да предизвика врсничкото насилство и дискриминацијата врз едно дете.
Како успеа да го пребродиш тој период од твојот живот? Што ти даде мотивација да издржиш и да веруваш во себе?
Едноставно, тој период од животот не може да го пребродиш кога ти сакаш. Тоа доаѓа природно, кога најмалку очекуваш.
Се сеќавам беше крајот на основно училиште, кога се здружив со другарка полна самодоверба која беше толку слична на мене, но никогаш не дозволи да биде дискриминирана и исмејувана од толпата. Заедно со неа, ја изградив самодовербата којашто ми помогна многу да го совладам тој период од животот.
Се буди свесност во тебе каде што сфаќаш дека не те интересира што мислат другите, го живееш животот на начинот на кој ти сакаш, ТИ си единствениот автор на твојот живот во ТВОЈАТА книга.