Татко од Велес со синот (5) кампува во природа, прави лулашки, пали оган и го учи како да преживее
- Детали
- четврток, 11 мај 2023
„Живот во природа, бушкрафт, кампување, преживување. Ова е она што го правиме со Натан веќе со години, иако тој сè уште нема полни шест години. Планинарење, истражување на пештери, кампување, работа со нож и секира, палење оган, поставување на камп, преноќевање надвор на пониски температури и на дожд, готвење, собирање шумски плодови, ориентирање со компас, риболов се дел од нашите активности“, вели инспиративниот тато Филип Иванов од Велес.
Филип Иванов од Велес е пастор во Евангелска Црква во Велес, кој е посветен сопруг и татко.
Омилена активност му е да го минува времето во природа со својот син Натан (5) и да го учи како да ја сака природата.
Тие кампуваат, риболоват, палат оган и прават низа „направи сам“ проекти.
Филип за CRNOBELO.com говори за нивните дружби и активности во природа:
„Живот во природа, бушкрафт, кампување, преживување. Ова е она што го правиме со Натан веќе со години, иако тој сè уште нема полни шест години.
Тој имаше едвај 10 месеци кога првпат го ставив во седиштето на велосипедот и го однесов на неговата прва „офроуд“ тура. Како растеше, така се зголемуваа авантурите и предизвиците низ кои тој учи за животот, за природата, за себеси... А јас, за родителството.
Како што вели сега светски познатиот психолог Питерсон, децата учат само тогаш кога прават опасни нешта со внимателност. И тоа е нашата „филозофија“. Да правиме „опасни“ нешта со внимателност.
Планинарење, истражување на пештери, кампување, работа со нож и секира, палење оган, поставување на камп, преноќевање надвор на пониски температури и на дожд, бушкрафт изработки, готвење, собирање шумски плодови, ориентирање со компас, риболов итн.
Сметам дека сите овие нешта се далеку пополезни од времето поминато пред екран, не само за сега, додека е дете, туку многу повеќе за подоцна во животот.
Го воспитувам вака, иако однадвор може да изгледа како „мачење“ (нему никогаш не му било), затоа што верувам дека на ваков начин најдобро се градат вештините, карактерот, самодовербата, почитта и грижата за природата, а и односот родител - дете воопшто.
На пример, кога ќе земеме да правиме бушкрафт стол, лулашка или последно - зиплајн, покрај очигледното - дека треба труд за тоа нешто, Натан учи како да решава проблеми, каде да најде тоа што недостига, како да го вклопиме тоа во изработката, кој јазол да го употребиме, како да импровизираме со формата и материјалите, едноставно - „да го вклучи мозочето“ и да најде решение за предизвикот, за подоцна да добие чувство на огромно задоволство и успех кога ќе го завршиме проектот и ќе се забавува со тоа.