Инспиративен лик: Филип Иванов – пастор во Велес, голем хуманитарец и вљубеник во природа, кој оди на служба и во Африка
- Детали
- вторник, 09 август 2022
Филип Иванов (33), веќе 5 години работи како пастор во Велес и во интервју за CRNOBELO.com oткрива: „Студирав теологија во Англија, а душегрижништво ми е дел од службата, верниците доаѓаат на исповед кај мене, а одам и во Африка на хуманитарна служба - помагаме сиропиталиште со стотина дечиња, а исто така помагаме во изградбата и одржувањето на училиште со три стотини дечиња во џунглата во Уганда... На мојот син сакам да му ја пренесам љубовта кон луѓето, но и кон природата.“
Филип Иванов (33) од Велес, е во црковна служба уште по завршувањето на студиите во 2011-та, а официјално е пастор веќе пет години во Евангелска Црква во Велес. Пастор значи пастир, духовен водач на народот Божји, некој што се грижи за одржувањето на редовните богослужби на црквата и за духовниот растеж и благосостојба на верниците.
Главна мисија му е да им помага на луѓето, но и да биде посветен татко и сопруг. Ја обожава природата, постојано спортува и кампува и љубовта кон ваквиот стил на живот му ја пренесува и на својот син.
За CRNOBELO.com тој споделува детали за својата професија и начинот на живот:
Како се одлучивте да студирате теологија? Беа ли изненадени од изборот вашите најблиски? Дали студиите беа тешки?
Се одлучив да студирам теологија затоа што сметав дека за мене тоа ќе биде најдобриот и најефикасниот начин да му служам на Бога и на ближниот.
Родителите и семејството беа изненадени, не само од изборот на „професија“, туку уште повеќе затоа што колеџот за кој се одлучив беше во Англија, од каде добив и стипендија за истиот.
Студиите не беа претерано тешки, но сепак се бараше доста труд и напор заради бројката на предмети „спакувани“ во само две години, но исто така и заради практичната работа што ја вршевме на самиот кампус и по различните цркви каде што одевме на пракса.
Навистина прекрасно искуство и време поминато со луѓе од дваесетина земји, од пет различни континенти, во најразлични црковни контексти.
Какви вештини изучувавте на факултет? Дали е задолжително пасторите да имаат добри вокални способности?
На факултетот, помеѓу другото, два многу важни предмети за секој потенцијален пастор се херменевтика и хомилетика, односно изучувањето како да се толкува Светото Писмо и како потоа да се проповеда тоа.
Пасторите не нужно мораат да имаат добри вокални способности, односно да пеат добро, затоа што во протестантските цркви има други луѓе кои го вршат делот од богослужбите што вклучува пеење.
Дали постојат правила околу стапувањето во брак на свештените лица?
Да, се очекува пасторите да бидат во брак, но тоа не е предуслов за службата.
Јас сум во брак со мојата сопруга Марија веќе петнаесет години и имаме синче од скоро пет години – Натан.
Водите и интересен животен стил, постојано сте активни со кампување, велосипедизам, планинарење? Кои ви се најубавите исксутва досега и како на вашето синче ја пренесувте љубовта кон природата?
Јас секогаш велам дека за еден човек да биде вистински здрав мора да му го даде на духот тоа што му треба на духот, на душата она што ѝ треба на душата, и на телото она што му треба на телото. Дел од таа грижа за телото јас ја остварувам со трчање, планински велосипедизам, планинарење, бушкрафт и кампување.
Секоја од тие „дисциплини“ носи свои специфични искуства и животни лекции. Натан покрај мене некако природно ја доби љубовта за тие работи, а дефинитивно најголема улога во тоа игра постојаната авантура и откривање на природата и сè што таа нуди.
Едно такво скорешно искуство е тоа кога спиевме во шатор додека надвор беснееше бура со дожд и грмотевици. Ништо не може да го опише неговото чувство на гордост дека го надминал стравот и преноќил надвор среде такво невреме.
Брадата на поповите е имиџ или задолжителна?
Носењето брада е повеќе традиција одошто обврска, додуша во последно време носењето брада стана мода и помеѓу оние што не се свештени лица, така што конечно и ние во нешто сме модерни.
Најубав миг од склучувањето на црковниот брак ви е...
Најубав миг за мене е благословот што следи по разменување на т.н. брачни завети, кога тие две личности си ветуваат (со Божја помош) доживотна, безусловна, взаемна љубов.
Која е симболиката на мантијата? За која пригода каква се носи?
Во протестантските цркви пасторите имаат широк спектар на црковен „дрес код“, што варира од многу традиционални свештени одежди, па сè до најобична (пристојна) облека.
Јас лично носам т.н. свештена кошула, со клерска јака, црна со бели детали за секојдневните обврски и редовните богослужби, а бела со златни детали за празници, венчавки и крштевање.
Доаѓаат ли верниците да ви се обратат за совет кога имаат проблеми?
Секако, всушност тоа е и голем дел од мојата служба – душегрижништво. Верниците, па и оние луѓе кои не доаѓаат на богослужби, знаат дека јас сум постојано во црквата и секогаш можат да дојдат за разговор, исповед, совет и молитва. Тука и така ги решаваме секодневните искушенија и предизвици.