Дарио Ивановски пред маратонот на Олимпијадата за CRNOBELO.com: „Секој ден трчам по 25km, подготвен сум за трката“
- Детали
- четврток, 01 август 2024
„Ова ми е прва Олимпијада и секако дека сум возбуден. Подготвен сум на сите предизвици, па и на овој кој е најголем во мојата кариера, а ќе се случи на 10-ти август“, вели нашиот маратонецот Дарио Ивановски, еден од македонските спортисти кои учествуваат на ОИ во Париз 2024.
Дарио Ивановски (27) од Скопје, е професионален атлетичар, кој се натпреварува на средни и долги патеки.
Но, Дарио е и еден од шестмината спортисти кои годинава ја претставуваат Македонија на Олимписките игри во Париз.
Ова момче на 10 август ќе трча на маратонот, а дотогаш ги завршува своите подготовки во Париз и постојано тренира за да биде во врвна форма.
Неколку дена пред неговиот настап на Олимписките игри, разговаравме со Дарио - прочитајте го цело интервју за CRNOBELO.com...
Во моментов си во Франција на последни подготовки пред настапот на Олимпијадата. Како ти оди?
Олимписките подготовки течат на најпрофесионално ниво во секој сегмент.
Дефинитивно ова се моите најврвни подготовки во целата спортска кариера, бидејќи тренирам заедно со врвни имиња од светот на атлетиката, и тоа на место кое е докажано и проверено - Фонт Ромеу, Франција.
Дали е ова твоја прва Олимпијада? Чувствуваш ли возбуда/трема пред настапот?
Ова е моја прва Олимпијада и секако дека сум возбуден.
Сепак подготвен сум на сите предизвици во спортот, па и на овој кој е најголем во мојата кариера.
Мојот настап е на 10-ти август на олимпискиот атлетски маратон.
Колку си задоволен од моменталната форма и што очекуваш од настапот?
Во моментот сум задоволен од нивото на мојата подготвеност за олимпискиот настап и сè оди според планот.
Искрено, се надевам дека најврвната форма ќе ја достигнам во неделата пред настапот што и ќе ми биде гаранција дека ќе го извадам максимумот од себе за што подобар резултат и пласман.