Сања Спиридоновска има живеено на 2 рајски острови: „Леб на Туркс и Кајкос е 250 денари, а на Маурициус ме однесе љубовта на мојот живот“
- Детали
- вторник, 02 февруари 2021
„На островот Туркс и Кајкос темпото на живот изгледа како да стои во место, таму сè се работи во забавена верзија, никој не брза, никој не се грижи што се случува во светот. На овој типичен карипски остров најбитна е музиката, забавата, дружењето, пријателите. Затоа и многу пензионери од Канада и Америка вложуваат во недвижности и го поминуваат остатокот од нивниот живот таму. На Туркс и Кајкос не е срамота ако задоцниш 30 минути на забава или состанок“, раскажува 30-годишната Сања која се вљубила во маж од африканскиот остров Мауруцуис и има живеено и таму.
Замислете живот покрај плажа со тиркизен океан, палми и најубави зајдисонца на недогледното водно пространство... Сања живеела токму така. И тоа на карипскиот остров Туркс и Кајкос, каде на одмор одат најголемите светски ѕвезди, и на африканскиот остров Маурициус.
Сања Спиридоновска (30) од Скопје е девојка која кога наполнила 21 година се преселила во Абу Даби, каде што работела за тематскиот парк Ferrari World Abu Dhabi. Во Абу Даби живеела 5 години, а подоцна се преселила во Дубаи за да работи во тематскиот парк на Леголенд.
Потоа додека работела во Ферари, се запознала со нејзиниот сопруг кој тогаш работел како ИТ специјалист. Еден нивен заеднички пријатели ги запознал додека имале тренинг на работното место и тоа било љубов на прв поглед.
На почетокот било значително тешко за да ја одржат врската бидејќи во тоа време во Абу Даби љубовните врски помеѓу вработените не биле дозволени, па ја држеле врската во тајност од 2015-2016 сè додека таа не се префрлила да работи во Леголенд.
Инаку, нејзиниот сопруг е од Маурициус. Тоа е мал остров кој се наоѓа во Индискиот Океан на Африканскиот континент, околу 900 километри источно од Мадагаскар.
Сања живеела на повеќе места, но овојпат за CRNOBELO.com ги пренесува своите искуства од живеењето во Маурициус и Туркс и Кајкос:
Колку време живееше на островот Маурициус во Африка, а колку на карипскиот остров Туркс и Кајкос?
Во Маурициус до сега вкупно имам живеено околу 6 месеци, се враќаме назад во Маурициус на неколку месеци само кога треба да смениме нова животна дестинација, за да можеме да се видиме со пријателите и роднините.
Инаку, во 2017 мојот сопруг доби понуда од авиокомпанија во Туркс и Кајкос. Во тоа време јас бев бремена со нашата ќеркичка. Додека чекавме визите да бидат готови, се вративме во Македонија на неколку месеци.
Сопругот замина за Туркс и Кајкос во февруари 2018 година, јас се породив во април 2018, а по 4 месеци заминав сама за Туркс и Кајкос со ќерка ми. Таму живеевме до април 2019 година.
Првиот впечаток по слетувањето таму …
Кога првпат отидов во Маурициус, беше за нашата свадба. Бев позитивно изненадена од тоа колку луѓето наоколу ме прифатија. Маурициус е држава со многу различни националности и култури.
Таму најмногу живее народ кој е доселен од Кина пред долги години, Индија, Франција, Холандија и во скоро време многу Јужноафриканци се преселуваат. Многу гостопримлив народ се и секогаш расположени за забава.
Туркс и Кајкос пак е британска зависна територија која се наоѓа во југоисточниот дел на Бахамските острови во Средна Америка. Кога првпат пристигнав во Провиденциалес (најразвиениот остров на Туркс и Кајкос) бев позитивно и негативно изненадена.
Позитивно бидејќи температурата беше фантастична, беше околу 25 степени, многу пријатни луѓе кои работат на аеродромот и при првото пристигнување веднаш може да се почувствува островската атмосфера што ја гледаме по филмовите.
Негативно бев изненадена кога првпат го прошетав островот Провиденциалес, пола од островот е преубав со преубави плажи, преубави луксузни хотели и ресторани, но другата половина од островот е каде што локалните луѓе живеат. Куќите се стари, сиромашни, улиците се неасфалтирани, беше голем шок за мене да видам таква драстична разлика на другиот дел од островот.
Има многу мал дел од градот каде што живеат странците кои доаѓаат да работат таму, обично овие куќи се двокатни и се лоцирани некаде во средината на островот.
Колку лесно се навикна на локалците? Каков им е менталитетот, прифаќаат ли дојденци?
Во Маурициус се навикнав прилично брзо, можеби бидејќи сопругот е роден и пораснат таму, па ми беше полесно да се адаптирам и да запознаам нови луѓе. Како што напоменав горе, многу гостопримлив народ се и се отворени за муабет и за нови пријателства, без разлика колкав е степенот на познавање на англиски или француски јазик.
Моите родители исто така го посетија островот и немаа никаков проблем за снаоѓање. Маурициус е туристичка држава и секој ден имаат луѓе од цел свет, некои кои доаѓаат таму за краток период, но и има луѓе што седат и до година дена како на пример сурфери или луѓе во повозрасните години, најчесто од Франција, коишто доаѓаат таму за да уживаат во островскиот живот.
Во Туркс и Кајкос ми беше малку потешко, бидејќи во тој период имав мало бебе и беше потешко да излегувам и да запознавам нови луѓе. Но, по извесен период запознав многу други луѓе преку колегите на мојот сопруг, кои подоцна ми кажаа за група на мајки кои се состануваат секој понеделник во Интернационалната градинка на островот, за да запознаат нови пријателки, да споделат искуства со други луѓе и за нивните деца да се запознаат за понатамошно дружење.
Оваа група ми помогна многу, запознав многу нови луѓе преку нив, открив многу нови места на островот, интересни кафулиња, нови плажи кои не се популарни кај туристите, активности на островот и ред други работи.
Во Туркс и Кајкос според последните статистики живеат околу 55.000 луѓе, од кои скоро 24.000 живеат во Провиденциалес, а останатите на другите острови на Туркс и Кајкос, како на пример Grand Turk, South Caicos, North Caicos, Pine Cay, Salt Cay и многу други.
Има луѓе скоро од цел свет. Има луѓе од Европа, од Азија, Африка, Канада, Америка, Австралија … буквално од секаде. Така што немаат никаков проблем со прифаќање на луѓе од други држави.
Едно нешто што најмногу ми се допадна кај луѓето тука е што се многу пријатни и многу позитивни. Еден од најбитните настани тука е собиранка со соседите или пријателите секој викенд.
Не изостанува еден викенд во годината каде нема собиранка на плажа дали тоа било во вечерните часови или преку ден, собиранка кај некој дома на скара или пак во некое локално кафуле за забава. Сите се поканети секогаш, не се важни возраста, полот, националноста, дали си староседелец или новодоселен, не е важно дали си семејство со мали деца или млад дечко/девојка во 20-тите, секој е добредојден на собиранките. Тоа никогаш нема да го заборавам, и секогаш ќе ми недостасува.
Каков е стандардот на живот? Што најмногу работат луѓето овде?
Во Маурициус цените на секојдневните намирници се скоро исти како во Македонија, тоа го потврдија и моите родители кога дојдоа. Може малку поскапи, но разликата не е многу голема, на пример ако багетка во Македонија чини 50 денари, во Маурициус ќе чини 70 денари.
Луѓето на островот најмногу работат во туризам индустријата, хотели, изнајмување на вили и апартмани близу плажите, многу од нив имаат свои бротчиња, со кои вршат услуги како дневни екскурзии за нуркање или екскурзии за разгледување на малите острови кои го опкружуваат Маурициус, екскурзии за пливање со делфини …
Но, голем дел од населението работат и во ИТ индустријата која е доста развиена таму. Многу од европските компании отвораат свои седишта во Маурициус.
Во Туркс и Кајкос цените на намирниците се многу скапи, еден леб таму чини 5 USD (253 денари), млеко од 1 литар чини 2.5 USD (130 денари), 1 килограм пилешко чини околу 14 USD (700 денари). Доколку отидеш во локално кафуле, едно капучино би чинело околу 7 USD (350 денари).
Во Туркс и Кајкос сè се увезува од Америка, освен свежа морска храна на островот, сè друго доаѓа од Америка, затоа и цените на намирниците се толку високи.
Луѓето на островот и тука работат најмногу со туризам. Може да се каже дека тоа е и единствениот извор на заработувачка таму. Туркс и Кајкос е еден од најлуксузните острови на Карибите, ги има едни од најлуксузните хотели на Карибите. Многу од познатите светски ѕвезди редовно доаѓаат на одмор тука, како на пример Дејвид Бекам, Ким Кардашијан, Дрејк, Џулија Робертс, Џастин Бибер и многу други.
На островот исто има и локална авиокомпанија InterCaribbean Airways во која има редовни летови меѓу островите на Карибите, и е во сопственост на бизнисмен од Туркс и Кајкос, каде што работеше и мојот сопруг.