Сања Спиридоновска има живеено на 2 рајски острови: „Леб на Туркс и Кајкос е 250 денари, а на Маурициус ме однесе љубовта на мојот живот“
Дали има и други Македонци на островите?
Во Маурициус преку Фејсбук запознав една девојка од Скопје која живее и работи на северот од Маурициус, со која подоцна лично се запознавме и ми беше многу мило што имам некој наш таму. Таа е единствена што ја знам дека е од Македонија и живее во Маурициус.
Во Туркс и Кајкос не запознав ниеден Македонец, но еден од моите пријатели ми рече дека има дечко од Штип што работи во еден од клубовите во Провиденциалес. На жалост немав прилика да го запознаам. Можеби нареден пат.
Кои се негативните страни на животот таму?
Малку ми е потешко да издвојам негативна страна на животот во Маурициус бидејќи имам поминато само 6 месеци таму до сега.
Во Туркс и Кајкос би рекла безбедноста на островот. Туркс и Кајкос гласи за најбезбедниот остров на Карибите, но секојдневно слушавме за напади со оружје и за грабежи во вечерните часови додека се вадат пари на банкомат.
Друга негативна работа за мене беше што е малку далеку од Европа, и доколку немаш американска или британска виза патот е подолг и приближно треба 4 различни летови да се сменат за да се стигне до тука, наместо директен лет од Европа до Америка и од Америка до Провиденциалес.
Кој е најдобриот период за да се посетат овие места? Има ли многу туристи?
За Маурициус според мене најдобриот период да се посети е помеѓу јуни и август, температурите не се високи, и се многу пријатни за прошетки и за да се види повеќе од островот. Но најмногу туристи има од декември до февруари кога температурите се највисоки.
За Туркс и Кајкос најдобар период е од декември до февруари, тогаш има најголем број на туристи, времето е прилично суво, нема дождови, нема влажност на воздухот. Температурите се движат помеѓу 20 и 25 степени. Вистинско уживање е.
Што консумираат најмногу од храна и пијалаци?
Во Маурициус поради миксот на култури и националности имаат специјалитети што се уникатни, на пример карито во Маурициус е многу повкусно од автентичното индиско кари кое е многу луто и тешко за јадење. Карито во Маурициус не е многу луто и не е многу тешко за јадење. Имаат пржени нудли и пржен ориз кои се вметнати во маурициската кујна од доселените Кинези на островот, кои се фантастични и превкусни!
Доколку некогаш имате прилика, морате да ги пробате! Но, исто така имаат превкусни багети и француски пити и кроасани кои мора да се пробаат! Од пијалаци се големи обожаватели на добро ладно пиво како и кај нас. Најпознатото пиво таму е Феникс пиво.
Во Туркс и Кајкос преовладува мексиканската, јужноамериканска храна која е многу многу лута! Јас не сум голем обожавател на лута храна, па секој пат кога одевме во ресторан морав да ги известам.
Имаат огромен избор на морска храна и специјалитет кај нив е Конк, тоа е голема школка од која се вади месото внатре и може да се јаде живо или зготвено. Пред да си заминеме од Туркс и Кајкос сосема случајно пробав живо и имаше вкус на многу солена риба, и беше баш вкусно.
Од пијалаци најмногу пијат Бамбара рум кој е многу познат на Карибите, Даикури коктел, и познатото пиво од Туркс и Кајкос Turk’s Head.
Безбеден ли е животот на островите?
Маурициус е најбезбедната држава на африканскиот континент и имаат прилично безбеден живот. Немаат војска како во секоја држава, имаат само полициска единица која регулира поголеми настани или криминални дела низ островот.
Сега за сега не сум слушнала за некои работи кои би ме загрижиле ако еден ден решиме да се вратиме да живееме таму.
Туркс и Кајкос важи за најбезбедниот остров на Карибите, но како што споменав погоре, во неколку наврати бев загрижена за безбедноста таму. Многу луѓе советуваат да се вадат пари од автомат во средина на денот кога има најмногу луѓе во банките, да не се оди сам покрај ненаселени места во доцните часови, доколку се вози во вечерните часови вратите од автомобилите мора секогаш да се заклучени, домовите ни беа заклучени во секоја доба.
Ние никогаш не сме имале некоја слична ситуација бидејќи секогаш ги следевме советите од луѓето кои живеат долго време на островот.
Дали луѓето се опседнати со социјални мрежи како кај нас?
Во Маурициус би рекла да, консумирањето на социјални мрежи е скоро исто како кај нас, младите се доста активни на Фејсбук и Инстаграм. Особено Инстаграм, мислам дека тоа е најкористената социјална мрежа таму.
Во Туркс и Кајкос, дефинитивно НЕ, телефоните секогаш се оставаат дома кога ќе има забава или собиранка на плажите. Ретко е да видиш повозрасни луѓе на телефони како кај нас во Македонија.
Социјалните мрежи таму не се користат многу, барем така беше додека живеевме таму. Тоа многу ми се допаѓаше.
Дали би можела да се замислиш на некое од овие места да дочекаш пензија?
Во Маурициус, да. Островот е доста развиен, има убави плажи, преубави планини и е поблиску до Македонија од Туркс и Кајкос.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело