Вежбате, јадете здраво, а сепак не слабеете – во што е проблемот?
Доколку мислите дека постојат само една до две причини зошто вашиот здрав режим на исхрана не носи никакви резултати, верувајте дека сте во заблуда.
Постојат десетици причини зошто и покрај сите ваши напори кои вклучуваат многу вежбање и здраво хранење бројките на вагата не се помрднуваат.
Ние издвоивме 9 од главните причини, а објаснувањата се логични и прилично едноставни.
Она што треба прво да го направите е да ја пресметате дневната доза на макронутриенти (анг. MACROS).
Овој чекор подразбира многу повеќе од обично броење калории.
Тоа значи дека врз основа на вашиот пол, возраста, бројот на килограми, физичката активност и крајната посакува цел, секој од нас има различни потреби и треба да внесува одредена количина на трите главни макронутриенти – протеини, масти и јаглени хидрати.
Оваа пресметка лесно може да ја извршите со macros calculator кој може да го побарате online.
Со години сме убедувани дека главниот проблем во исхраната ни се шеќерите и јаглехидратите. Тоа секако е точно во одредена мера, односно само доколку ги консумирате премногу и ја надминете препорачаната дневна доза.
Всушност, откако ќе се заинтересирате колку грама протеини, ЈХ и маснотии содржи секоја од намирниците која е дел од вашата дневна исхрана, ќе се изненадите од резултатите.
Имено, навистина е тешко да се достигне препорачаната дневна грамажа на протеини, бидејќи треба да изедете навистина многу месо, но затоа ќе се запрепастите колку лесно ја надминувате (двојно, тројно, а некои можеби дури и повеќе пати) препорачаната дневна доза на масти.
Едноставно е, доколку ги зачинувате салатите со премногу масло, доколку сте дарежливи со маслото додека готвите, доколку консумирате премногу јаткасти плодови, верувајте дека лесно ја надминувате дневната доза на маснотии.
Тоа е една од причините поради која не го губите вишокот на килограми.
Разгледајте ја опцијата и дека јадете премногу „здрава храна“ која всушност е висококалорична, или за сметка на намалените маснотии содржи многу шеќери кои го надоместуваат вкусот.
Обидете се да го елиминирате стресот, да се наспиете доволно и добро. Пијте доволно вода.
Воздржете се од премногу преработена и конзервирана храна, како сосови, кечап, мајонез – покрај огромната количина на масти и шеќери, неретко содржат и премногу сол кој се врзува со водата и ја задржува во телото.
Не плашете се од формирањето мускули. Слабеењето можеби ќе оди побавно, но оформувањето на мускулите е пожелно, затоа што по одредено време тие ќе ги „грицкаат“ калориите, дури и кога нема да вежбате премногу напорно.
Мерете обем, не килограми.
Сосема на крајот, обидете се да внесете доволно протеини и не заборавајте на растителните влакна. Тие ве одржуваат сити на подолг временски период и полни со енергија, не јаглехидратите, ниту шеќерите.
(О)Милена | Црнобело