Како да се справите со вишокот килограми?
Ако сте од оние луѓе кои постојано се во борба со вишокот килограми и единствената несигурност која ја имате е изгледот на вашето тело, а никако не можете да одолеете на полната трпеза или на слатките кои постојано ви излегуваат на патот, тогаш имаме неколку совети кои ќе ви помогнат да се справите со вишокот килограми.
За да ја контролирате или намалите вашата тежина не мора да поминувате низ еден болен процес, едноставно треба да воведете мала промена во вашите секојдневни навики кои пак ќе донесат голема промена во иднина.
Секако треба да земете предвид дека не можете да го изгубите она што се таложело со години за само четири недели и да изгледате ултра секси, но сепак со ваше посветување на усовршување на вашето тело на подолг временски период, резултатите ќе бидат очигледни.
1. Следете ја вашата килажа на одреден временски период
За да знаете колку сте постигнале успех во диетата или во вежбите кои ги правите за да се ослободите од вишокот на килограми, мора да имате контрола врз вашето тело. Сами одлучете на колкав временски период ќе се соочувате со вагата. Може тоа да биде секој ден, еднаш неделно, или пак два пати месечно.
Секако килажата на вашето тело ќе варира, некогаш тие резултати ќе ве прават среќни, некогаш не, но во никој случај не треба да се разочарате. Запомнете дека следењето на вашата килажа го правите со цел да обезбедите повратна информација дали она што го правите влијае позитивно на вашето тело на начинот на кој што вие посакувате. Доколу забележувате дека правите напорни вежби без никаков резултат тогаш сигурно треба да воведите некоја промена.
2. Испланирајте ги вашите оброци
Ова е можеби и едно од основите правила кои се потребни за да се справите со вишокот килограми. Најпрво треба да направите една пресметка за тоа колку калории треба да внесувате за да ја одржите вашата сегашна килажа. И ако сакате да изгубите да речеме половина килограм неделно, тогаш би требало да скратите околу 500 калории дневно, односно да внесувате 500 калории помалку од она што сте го внесувале дотогаш.
Ако сакате да ја намалите килажата на подолг временски период тогаш можете да се обрвзете да внесувате на пример 100 калории помалку од она што обично го внесувате во вашиот организам. Нутриционистите често знаат да кажат дека најдобро е да се намалува половина килограм неделно, а не повеќе од тоа.
Откако ќе ги испланирате калориите кои треба да ги внесувате дневно да речеме 2.000 калории, тогаш ќе ги распределите по оброк и ќе можете секогаш да прераспределувате но сепак на крајот да стигнете до посакуваната бројка, тоа треба да го истражите самите, бидејќи за различни организми функционира различно.
Можеби ќе ви треба време да се навикнете и да научите како да ги планирате вашите оброци, но секако на интернет постојат страни кои можат да ви помогнат, за да успеете во планирање на вашите оброци можете да ја испробате страницата FitDay.com. Откако ќе поминат неколку дена на таков режим, тоа ќе ви прерасне во навика и ќе видите дека работите ќе одат полесно.
3. Јадете здрава храна
Друга важна работа, освен планирањето на оброците е да внимавате што внесувате во вашиот организам по оброкот кога ќе почувствувате повторно глад. Наместо да трчате да внесете се што е достапно во продавницата или во автоматот за хранa, испланирајте што е добро да јадете. Овошје, јогурт, зеленчук, суво овошје или слична ужина може да биде добар избор за да ја пребродите кризата до следниот оброк.
Секако понекогаш е добро да се почастите себеси со некоја не толку корисна храна за вашиот организам, црно чоколадо, помфрит или чипс. Одржувањето на вашето тело не треба да значи депресија и измачување. Сепак почесто избирајте здрава ужина отколку мрсна и не толку корисна храна.
4. Јадете бавно
Не брзајте никаде, уживајте во вашиот оброк наместо да голтате огромни залаци кои потоа тешко се варат. Пред да јадете ветете си мирен оброк во кој ќе уживате во целост. Тоа е многу важно бидејќи на нашиот мозок му треба време да ја процесира информацијата дека сте сити и треба да престанете да јадете.
Сигурно сте се фатиле во ситуација каде ви било претешко после некој оброк и самите сте се проколнувале заради огромната количина на храна која сте ја изеле, а сето тоа е продукт на брзото јадење. Трикот е да се научите да јадете бавно и ќе се чувствувате сити со помалку храна.
Исто така, ако после порцијата која сте ја изеле сè уште се чувствувате гладни, почекајте барем дваесет минути пред повторно да јадете. Во таква ситуација гладот најчесто исчезнува.
5. Не пијте калории
Калорииите во газираните сокови, кафето, чајот, алкохолот, густите сокови и другите пијалаци се едни од најштетните калории кои ги внесувате во вашето тело, без да бидете свесни за тоа. Иако мислите дека густиот сок кој го пиете е здрав само затоа што е од овошје, вие всушност не добивате ништо од овошјето, но ги добивате сите калории.
Јадењето портокал го има истиот ефект како чашата сок од портокал, само што е далеку поздраво и ве прави да се чувствувате сити. Исто така, пиењето вода е одлична замена за сите штетни калории во пијалаците споменати погоре. Пијте вода редовно за време на целиот ден. Таа е еден од најдобрите и најевтините пијалаци за губење на килограмите.
6. Започнете со вежбање
Можеби јадењето помалку калории ќе ви помогне, но зошто да не пробате да ги согорите калориите кои не треба да бидат во вашето тело?
Внимавањето во исхраната е една од најважните работи на кои треба да се фокусирате, но со вежбање можете да согорите дури и до двестотини калории дневно што би допринело за губење дополнителни килограми неделно. Освен тоа вашето тело ќе биде свежо, во форма, а вие ќе се чувствувате исполнето и здраво.
За почеток можете да почнете со вежбање пет минути дневно. Можеби тоа не е предобро за почеток, но сепак е почеток и затоа е многу важно. Вежбајте една недела по пет минути, по ваш избор, стомачни, склекови, качување скали, или кратко трчање, а потоа како што ќе изминуваат неделите зголемувајте го времето. На тој начин полесно ќе се навикнете и постепено ќе стигнете до триесет минутни вежби дневно, што е сосема доволно.
7. Издржете ги првите три дена
Без разлика каква промена внесувате во вашата исхрана или начинот на живот во кој сакате да имплементирате секојдневно вежбање, издржете ги првите три дена. Можеби ќе чувствувате глад или болки во мускулите, но откако ќе поминат првите три дена ќе се навикнете и ќе сфатите дека сето тоа е за добра причина, што само дополнително ќе ви го олесни целиот процес на слабеење.
Нема никаква причина да се затворате во себе заради вишокот килограми. Ако тоа е вашиот единствен проблем, тогаш вие сте прекрасна личност која може да направи одлична промена за да блесне, не за другите туку за себеси.
Не се депримирајте и не очајувајте, килограмите можеби се симнуваат тешко, но сепак тоа не е невозможно. Вашата посветеност и желба да се чувствувате сигурни во вашето тело треба да надвладеат и ќе видите дека резултатите ќе бидат и повеќе од очигледни. Но пред се, ветете си дека тоа го правите за себе, а не за другите.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело