Грешки во уредувањето поради кои домот секогаш ви изгледа хаотично
Не ги криете каблите
Кога го уредувате домот, добро размислете каде ќе ги скриете каблите од телевизорот, модемот и другите уреди.
Каблите што ѕиркаат од сите страни го нарушуваат изгледот на просторот и прават да изгледа неуредно.
Зависи од плановите за уредување и буџетот, можете да направите прегради во комодата за телевизор, а можете и да бидете креативни и да ги скриете каблите со некоја декорација.
Имате премногу украси низ домот
Неколку декоративни перници и ќебиња во дневната, вазни и свеќи на масата, цел куп сувенири од патувања по полиците…
Колку повеќе го трупате домот со украси, толку похаотично ќе изгледа.
Притоа, кога имате многу украси, само си го отежнувате чистењето.
Не обрнувате внимание на големината на тепихот во дневната
И несоодветниот тепих може да направи просторијата да изгледа хаотично.
За тепихот да се вклопува во ентериерот, важно е предните ногарки од гарнитурата во дневната да стојат на него.
На овој начин, гарнитурата и тепихот изгледаат како целина, односно поуредно.
Користите премногу (нескладни) бои
Нема ништо лошо во тоа во домот да доминираат неколку впечатливи бои, но мора да бидете внимателни.
Немојте да мешате премногу бои во иста просторија и важно е нијансите да бидат складни.
Најдобро е во просторијата да имате една-две повпечатливи бои, кои ќе ги дополните со понеутрални нијанси.
Многуте бои кои не се соодветно комбинирани ќе направат просторот да делува хаотично.
Спирова С. | Црнобело