Илија од беровско направил цветна оаза во својот двор: „Имам над 300 кактуси и сукуленти, сам се грижам за растенијата“
„Сакав да одгледувам кактуси и сукуленти уште кога бев мал, а сега ми се оствари желбата да си направам лична колекција. За мојот двор се грижам сам“ – вели за CRNOBELO.com 30-годишниот Илија Брндевски од беровско, кој успеал да изгради вистинска оаза во својот двор и домот.
Во беровското село Ратево, Илија Брндевски со многу љубов и внимание успеал да изгради вистинска оаза на мирот и цвеќето, каде централно место заземаат кактусите и сукулентите.
Мала дрвена куќичка со голем број цвеќиња – вака изгледа оазата во дворот на Илија Брндевски (30), а природната убавина од фотографиите на ова место мами воздишки кај секој што ќе ги погледне.
Илија од Берово работи како менаџер во маркет, а слободното време го користи за да се посвети на неговата импресивна колекција од кактуси и сукуленти.
Тој вели дека има над 300 саксии, а ниту самиот не е сигурен колку точно се на број.
„Сакав да одгледувам кактуси и сукуленти уште кога бев мал, а сега ми се оствари желбата да си направам лична колекција. За мојот двор се грижам сам, а во зимскиот период растенијата ги чувам во мојот дом“ – вели Илија во изјава за CRNOBELO.com.
Илија досега повеќепати објавил фотографии од ова свое место на Фејсбук групата „Дворчето“, а може да се забележи дека тој има импресивна колекција на кактуси и сукуленти.
Куќарката изработена од природни материјали, хортикултурното уредување со голем број камчиња и ретки растенија мамат воздишки и ја покажуваат неповторливата убавина во Малешевијата.