4 растенија што ќе ви го претворат балконот во цветна оаза, а се лесни за одгледување
Сарделата има цветови во неколку нијанси и бара директна сончева светлина, а единствено треба да ја наводнувате и повремено да ги отстранувате сувите цветови.
Цвеќето му дава посебен шарм на секој простор, а во пролет и лето прави огромна разлика на балконот.
Но, не секој има талент за градинарство и ако спаѓате во оваа група луѓе, веројатно сте се откажале од помислата да го претворите балконот во цветна оаза.
За среќа, постојат растенија кои бараат минимална грижа, а изгледаат навистина убаво.
Четири цвеќиња за балкон кои се лесни за одржување:
Кадифка (Tagetes)
Цветовите на кадифката се жолти и портокалови, а лесно можете да ја одгледувате на балкон во саксија.
Ѝ треба место со директна сончева светлина и не бара голема грижа – треба само да ги отстранувате сувите цветови за го поттикнете растот, а доволно е да ја наводнувате двапати неделно.
Почвата треба да биде влажна, но не со многу вода, бидејќи коренот може да скапе.
Сардела (Pelargonium)
Сарделата има цветови во неколку нијанси – розова, црвена, бела…
Бара директна сончева светлина, што значи е совршено растение за на балкон.
Наводнувајте ја кога ќе забележите дека почвата е сува, а важно е и да ги отстранувате сувите цветови.
Најмногу цвета од април до септември, па во овој период, двапати месечно можете да додадете течно ѓубриво за растенија со цветови.
Петунија (Petunia)
Петунијата цвета од мај, па сè до доцна есен, што значи ќе го краси балконот неколку месеци.
Бара директна сончева светлина и почесто наводнување од другите цвеќиња на листата. Во лето препорачливо е да ја наводнувате секојдневно.
Во периодот на цветање, еднаш неделно можете да ставате и течно ѓубриво.
Полска љубичица (Viola arvensis)
Ова растение народски е познати и како „ден и ноќ“ и е навистина отпорно, односно издржува разни температури на воздухот.
Можете да го посадите на место со директна сончева светлина, но може да вирее и на полусенка.
Треба да го наводнувате два-трипати неделно, а еднаш месечно можете да ставате и течно ѓубриво.
Спирова С. | Црнобело