Совети за одгледување бугенвилија – бајковитото цвеќе што го гледаме низ Грција
Бугенвилијата може да ја одгледувате и како растение кое ползи, но и како грмушка. Доколку сакате ова цвеќе да биде дел од вашата градина, погледнете неколку совети кои ќе ви бидат корисни при одгледувањето.
Ако сакате да додадете живописни вибрации кои ќе ве потсетуваат на одмор, плажа и релаксација, тогаш декорирајте го надворешниот простор со бујното растение бугенвилија.
Ова цвеќе најчесто е присутно во медитеранските делови, па неретко ќе го сретнете во градините и покрај плажите на омилените туристички атракции во Грција.
Бугенвилијата може да ја одгледувате и како растение кое ползи, но и како грмушка.
Ова цвеќе доаѓа во разни бои - од бледа боја на кајсија до неонско розова.
Доколку сакате ова растение да биде дел од вашата надворешна градина, погледнете неколку совети кои ќе ви бидат корисни при одгледувањето.
Каква клима ѝ одговара на бугенвилијата?
Бугенвилијата цвета од пролет до доцна есен.
Таа најчесто се одгледува во саксии, за во зимскиот период да може да се внесе на затворено, додека во медитеранските делови може да се посади директно во градината.
За раст и развој на ова растение му одговараат сончеви места каде што има многу топлина, но, добро ќе успее и на места каде што има и послаба сенка.
Потребно е да ја заштитите од ветер, кој може да ѝ предизвика сериозни оштетувања.
Добро поднесува високи температури на воздухот, погодна е за дневни температури од 24-35°C, а ноќните не би требало да бидат пониски од 10°C.
Сепак, некои хибриди на бугенвилијата може да издржат уште пониски температури на воздухот.
Наводнување и размножување
Бугенвилијата треба ретко да се наводнува. Таа е отпорна на суша, но подобро ќе расте и ќе се развива ако има доволно вода.
Во периодот на цветање, пак, потребите за вода се зголемуваат, но сепак, не треба да претерате.
Најдобро е да ја наводнувате наутро, а помеѓу две наводнувања почвата треба да биде целосно исушена.
Обилното и често наводнување може да му наштети на растението и корените да изгнијат.
Размножувањето на бугенвилијата може да биде со семе или со исечоци од 10-15 сантиметри.
Прво, исечените врвови се потопуваат во хормонски прашок за вкоренување, а потоа се садат во земја. Ова е најдобрата опција за размножување.
Така, саксиите со новите исечоци чувајте ги на температура од околу 23°C, на светло место. Во овој случај, корените се формираат за околу 8 недели.
Размножувањето со семе не е толку вообичаено, но не е и невозможно. Во есен, бугенвилијата формира мешунки од семе.
Тие треба да се соберат и да се исушат бидејќи внатре има многу мали семки. Семето може да се сади во секое време од годината, сè додека е топло, а ’ртањето може да трае еден месец или повеќе.
Во каков облик ќе ја одгледувате бугенвилијата?
Бугенвилијата може да се одгледува како дрвце, растение кое ползи или грмушка.
Ако е во топли краеви, може да се одгледува како растение кое ползи по огради или ѕидови, а во тој случај потребно е да ѝ обезбедите дополнителна поддршка.
Имајте предвид дека ако ја садите во двор, бугенвилијата ќе развие широко и силно стебло, па ѝ треба повеќе простор за да расте.
Ако, пак, ја одгледувате како грмушка, нема да има потреба да ѝ ставате дополнителна поддршка за раст, но потребно е редовно да ја кроите.
Во такви случаи најдобро е да биде во саксија, при што во текот на зимските месеци ќе може да ја внесете внатре на затворено.
М. Ѓ | Црнобело / фото: freepik.com