5 совети со кои домашните растенија ќе ја преживеат зимата
Ставајте им помалку вода, не ги чувајте во близина на грејно тело и ако немате навлажнувач на воздух, два-трипати во денот прскајте ги со малку вода.
Во зимските месеци мора да направите неколку промени во грижата за домашните растенија доколу сакате да ја преживеат сезоната.
Повеќето домашни растенија не се имуни на зимскиот студ и намаленото количество на сончева светлина, па треба да обрнете внимание на неколку ситници.
Важно е да знаете дека во зимските месеци повеќето растенија ќе растат многу побавно.
Затоа, немојте да се грижите ако не забележите никаков напредок кај растенијата, сè додека нема други проблеми во нивниот изглед.
Пет едноставни совети што ќе ви помогнат да се грижите за растенијата во зима:
Променетe ја рутината за наводнување
Во зимските месеци на растенијата им треба помалку вода, без разлика што ги чувате во просторија во којашто има греење.
Во овој период тие растат побавно, а некои и целосно го прекинуваат растењето, па немаат потреба од многу вода.
Ако ги наводнувате исто како во летниот период, постои опасност коренот да скапе.
Секое растение има различни потреби за вода и ако ги знаете, лесно можете да го адаптирате наводнувањето за во зима.
Односно, ако некое растение сте го наводнувале секој ден, во зимските месеци наводнувајте го на секои 2-3 дена.
Ако не сте сигурни, лесно можете да пребарате онлајн колку вода му е потребна на секое растение во зависност од годишната сезона.
Обрнете внимание на нивото на влажност
Во зима, воздухот во домот е посув поради грејните тела, но ова може да биде штетно за растенијата.
Ако имате навлажнувач за воздух во домот, потрудете се растенијата да бидат во негова близина.
Доколку немате, покрај растенијата можете да ставите садови полни со вода кои ќе направат разлика во влажноста на воздухот околу нив.
Можете и два-трипати во текот на денот да ги прскате растенијата со вода.
Обрнете внимание на температурата
Пoвеќето домашни растенија можат да издржат ако температурата во домот е помеѓу 18 и 25 степени во текот на денот, и над 10 степени навечер.
Но, немојте никако да пробувате да ги „стоплите“ растенијата поставувајќи ги во близина на грејни тела. Со ова само ќе ги исушите.
Овозможете им доволно сончева светлина
На некои растенија им треба сончева светлина во поголемиот дел од денот. Ако имате вакви, ставете ги во близина на прозор. Само, немојте да ги ставате веднаш до прозорот, особено ако има малку провев.
Растенијата кои немаат потреба од многу светлина, ставете ги на место каде што барем еден период од денот има директна сончева светлина.
Не употребувајте ѓубриво
Во зимските месеци можете да го прескокнете ѓубривото за растенијата.
Како што веќе спомнавме, овој период тие растат побавно и немаат потреба од дополнителни хранливи материи од ѓубривото.
Исто така, додека трае зимата не е препорачливо да ги пресадувате.
Спирова С. | Црнобело