Најчестите проблеми со домашните растенија и како да се справите со нив
Растенијата можат да го разубават секој простор, но факт е дека и тие бараат одредена грижа.
Ако немате многу искуство со одгледување растенија, веројатно сте се нашле во ситуација кога не знаете зошто листовите на растението потемнале или зошто тоа овенало.
Затоа, погледнете кои се најчестите проблеми со домашните растенија и што можете да направите во врска со нив:
Целосно кафеави листови
Обично, ова е само дел од процесот на растење и стареење на растението и вие не сте виновникот. Сепак, ако прво потемни врвот на листот, тоа може да биде знак дека на растението му треба повеќе вода.
Што да правите?
Кога листовите се целосно кафеави, тие се веќе мртви, па нема потреба да ги „спасувате“. Но, бидејќи тие сè уште користат од енергијата на растението, најдобро е да ги отстраните.
Кафеави врвови на листовите
Како што напоменавме, ова е знак дека на растението му треба повеќе вода. Постојат неколку причини за ова:
- Не го наводнувате растението доволно често
- Земјата е со лош квалитет и не ја впива водата добро
- Можеби има оштетување на корените бидејќи претходно сте им ставале повеќе вода, или бидејќи саксијата е премала
Што да правите?
Ако често сте надвор од дома и не можете постојано да ги наводнувате растенијата, постојат неколку трикови што ќе ви помогнат:
- Ставете влажен сунѓер на дното на саксијата. Тој ќе го впие вишокот вода, а ќе ја „ослободи“ кога ќе има потреба
- Во саксијата закопајте шише со дупки, полно со вода. Ова ќе биде како еден вид резервоар за вашето растение
Кафеави дамки на листовите
Најчесто, ова е знак дека му ставате премногу вода на растението. Земјата што е постојано влажна е совршена околина за развој на патогени габи. Тие, пак, можат да предизвикаат кафеави дамки на листовите на растението.
Што да правите?
Можете да го отстраните вишокот вода со филтри за кафе - во саксијата ставете филтер за кафе, а потоа ставете ги земјата и растението.
Пожолтување на долните листови
Кога растението е „зрело“, некои од неговите листови ќе пожолтат и ќе паднат. Но, ако ова се случува многу често, можеби има некаков проблем.
Пожолтувањето може да биде предизвикано од недостаток на сонце, прениска температура, преголема изложеност на сонце или суша.
Што да правите?
Обидете се да го најдете најдоброто место во домот за вашето растение, во зависност од видот и неговите потреби. Истовремено, немојте да го преместувате многу често.