Како да си направите градина, дури и ако живеете во стан?
Кога станува збор за градини, просторот не треба да претставува проблем. Всушност, можете да одгледувате растенија каде било, дури и ако живеете во мал стан.
Најтешкиот дел е да започнете, па поради тоа е важно да почнете со малку. Дајте си простор да ги совладате малите проблеми пред да имате премногу растенија за одгледување.
Додека просторот не е проблем, треба да обрнете внимание на нештата како сончева светлина, вода, па дури и тежината на саксијата.
Од каде да почнете?
Важно е да почнете со малку, особено ако живеете во навистина мал простор. За почеток набавете една или две саксии и во нив одгледувајте сè. Фокусирајте се на мал број растенија - oдберете зеленчук што ви е највкусен и посветете му се него.
Сончевата светлина е најважниот дел, бидејќи на повеќето растенија им е потребна цел ден. Ова значи дека треба да бидат изложени на сонце 6 до 8 часа дневно.
Ова може да претставува проблем доколку живеете во голем град, каде што високите градби го блокираат сонцето. Поради тоа, доколку имате тераса или балкон, сместете ги растенијата таму. Доколку ги немате овие услови, одберете растенија што не бараат многу светлина.
Растенијата зависат од почвата во којашто се посадени за вода, воздух и хранливи материи. Бидејќи вашата градина најверојатно ќе биде во станот, нема да можете да користите обична градинарска почва, па најдобро е да набавите почва за саксии.
Оваа почва е полесна, па тежината нема да претставува проблем доколку ги закачите саксиите. Исто така, оваа почва е колку-толку стерилна, па не треба да се грижите за болести.
На растенијата во саксии им е потребно многу вода, неретко неколку пати дневно. Па најдобро е да одберете место во станот во близина на вода. Кога вашата градина ќе се зголеми, можете дури и да набавите црево за наводнување.
Друг фактор на којшто треба да обрнете внимание е влажноста. Доколку ги одгледувате растенијата внатре, ќе треба да им обезбедите дополнителна влажност во грејна сезона. Сосема доволно е да ги испрскате со вода или пак да поставите сад со вода врз грејното тело.
Доколку вашата градина е неколку ката повисоко од земјата или живеете покрај густ сообраќај, ќе треба да го земете предвид и ветрот. Силниот ветар може да ги оштети листовите на растенијата и да ги преврти саксиите. Па, доколку вашите растенија се изложени на ветер, обидете се да ги заштитите.
За крај, важно е да обрнете внимание и на тежината на саксиите. Осигурете се дека местото на коешто се поставени саксиите може да ја издржи нивната тежина.
Кои се најдобрите растенија за во стан?
Во саксија можете да одгледувате речиси сè. За почеток одберете растенија што сакате да ги јадете, а потоа постепено проширувајте ја градината.
Зачини: Зачините се првиот избор на сите. Иако можеби ќе растат добро во саксија, сепак нема да ја достигнат големината што би ја достигнале на отворено. Па доколку често ги берете, ќе треба да ги заменувате. Најчестиот избор за садење е нане, магдонос, лаванда, босилек и мајчина душица.
Зелен лиснат зеленчук: Зеленчукот како марула и спанаќ расте брзо и има плиток корен. Овие растенија не бараат совршени услови за растење, сè додека имаат доволно вода.
Домати: Секој градинар сака да има свои домашни домати. Овие растенија можат да пораснат многу, но сепак се одлични за во саксија.
Јагоди: Саксијата со јагоди изгледа убаво колку и што е вкусна. На јагодите им се потребни 6 часа сонце на ден.
Чили пиперчиња: Доколку сакате луто, можете да одгледувате и чили пиперчиња. Без разлика дали се надвор или внатре, тие раѓаат во текот на целата година. Истовремено, тие растат подобро во саксија за разлика од слатките пиперки.
Грижа за вашата градина
Наводнување: Најважната задача во градинарството е наводнувањето. Дури и ако градината ви е изложена на дожд, тоа нема да биде доволно вода.
Почвата во саксиите се суши брзо, а колку е потопло времето, толку повеќе вода ќе биде потребно. За да одредите дали на растението му е потребно вода, ставете го прстот во почвата. Доколку е сува, наводнете го.
Хранење: Освен ако не купите почва со ѓубриво, ќе треба да ги „храните“ вашите растенија. Најлесниот начин е ѓубриво што се раствора во вода.
Проблеми: Инсектите и болестите можат да се појават, без разлика каде се наоѓаат вашите растенија. Па секогаш кога ги наводнувате, внимателно разгледајте дали има некаква промена.
Доколку забележите што било необично, тргнете го тоа растение настрана за да ги заштитите останатите.
Берење: Можеби звучи чудно, но многу луѓе кои имаат мали градини на затворено не сакаат да ги берат плодовите. Причината е што растенијата изгледаат поубаво со многу плодови. Но важно е да знаете дека колку повеќе берете, толку повеќе ќе раѓа растението.
Спирова С. | Црнобело