Цвета до доцна есен и трпи суша - Совети за одгледување пустинска роза
Ако ви е потребно растение кое ќе биде издржливо на сонце, тогаш со пустинската роза нема да погрешите. Таа е отпорна и на високи температури, и на прекумерна суша.
Делосперма или народно познато како пустинска роза е сукулент кој се карактеризира со различни форми и бои.
Со добра нега и добри услови за растење, ова растение може да ги разубавува вашата градина и дом многу години.
Како да се грижите за пустинска роза?
Пустинската роза треба да ја засадите на најсончевото и најтоплото место. Отпорна е и на високи температури, и на прекумерна суша.
Ова цвеќе треба да биде осветлено од сонце од утро па до вечер. Кога ја одгледувате пустинската роза во затворен простор, изберете јужен, југозападен или југоисточен прозорец.
Истовремено, имајте на ум дека директната сончева светлина е неопходна за ваквите сукуленти да се развијат и да растат во нормални граници.
Сепак, во местата каде што сонцето е многу силно, попладневната сенка на ова растение ќе му биде од корист.
Ако ова растение го засадите во целосна сенка, тогаш нема да може да расте и да се развива нормално. Неговите гранчиња ќе станат издолжени и тенки, без цветови.
Кога да ја наводнувате пустинската роза?
Наводнувајте го растението само наутро. За време на интензивен раст и цветање, потребно е да ја оставите земјата малку да се исуши пред повторно да ја полевате со вода.
Секако, распоредот на наводнување зависи од сезоната и условите на растење, но треба да имате предвид дека во никој случај не треба влага да стои во корените на пустинската роза, туку да ѝ обезбедите добра дренажа.
За време на мирување, растенијата што се одгледуваат во затворен простор треба да се наводнуваат само тогаш кога земјата целосно ќе се исуши.
Кога е време за пресадување?
Кога се одгледува во затворен простор, пустинската роза се пресадува само кога е апсолутно неопходно.
На пример, кога кореновиот систем повеќе не одговара во засадената саксија, се појавило одредено гниење, како и оштетување на растението од болести и штетници.
Најдобро време за садење е во пролет, пред да започне вегетациската сезона.
Цветање на пустинска роза
Пустинската роза цвета многу долго. Отворањето на првите цветчиња се забележува во пролет.
Ако ѝ се пружени соодветните услови, ова цвеќе ќе цвета до доцна есен. Многу цветчиња се формираат на едно стебло, па тие може да изгледаат како многу декоративен „килим“.
Цветовите на пустинската роза може да бидат обоени во различни нијанси, од светло виолетова до снежно бела боја.
М. Ѓ. | Црнобело / фото: depositphotos.com