Како да се грижите за примула, цвеќе кое е популарно во рана пролет?
Најчесто, примулите се купуваат кога се во период на цветање. Па, откако ќе го донесете растението дома, погрижете се да биде на светло место, по можност на прозорец во незагреана или умерено загреана просторија, чијшто прозорец не е свртен кон југ.
Примулата е многу распространето цвеќе кое речиси сите го поседувале барем еднаш во животот. Латинското име Primula потекнува од зборот „primus“ што значи прв, таа е повеќегодишно растение, отпорна е на мраз, а во зависност од тоа какви услови ќе ѝ пружите, примулата може да порасне од 15 до 25 сантиметри во висина.
Садење и размножување на примула
Примулата се размножува со семе или со делење на корените (бокорот). Сеидбата треба да се врши во текот на есента, така што ќе цвета во рана пролет или во текот на летото.
Пожелно е семето да го засадите на длабочина до 5 милиметри, во влажна и стерилна подлога.
Во текот на сезоната на растење, пожелно е да ги прихранувате растенијата два пати неделно.
Примулите може да ги засадите во саксии уште наесен. До крајот на декември треба да се чуваат на ладно место и да се полеваат само повремено, а потоа се носат на прозорец каде што има доволно светлина и редовно се полеваат.
Но, внимавајте да не ги изложувате во премногу топла просторија и на директна сончева светлина.
Нега и грижа за примула
Секој љубител на цвеќе кој му го посветува целото свое внимание, сака да ужива во здраво и цветно растение. Па, веруваме дека советите дадени во продолжение ќе ви бидат од корист кога ќе се одлучите да ја негувате вашата примула:
- Во текот на летото, доколку е изложена на силно сонце, потребна ѝ е влажна почва, богата со хумус, која добро се цеди, ретко треба да ја прихранувате и често да ја наводнувате.
- Во текот на зимата, доколку се наоѓа во градината, треба да ја заштитите од прекумерна зимска влага. Пожелно е да направите мешавина од тресет и песок, за побрзо цедење на водата од кореновиот систем, а надземниот дел од растението да го заштитите од мраз, како на пример одозгора да ставите суви лисја.
- Во текот на пролетта, примулата најдобро е да ја изложите на утринското сонце, неопходно е да ја одржувате влажноста на почвата, редовно да ја прихранувате.
- Ако ја чувате внатре во затворен простор, примулата бара добра светлина, редовно наводнување и проветрување на затворената просторија.
Цветање на примула
Најчесто, примулите се купуваат кога се во период на цветање. Па, откако ќе го донесете растението дома, погрижете се да биде на светло место, по можност на прозорец во незагреана или умерено загреана просторија, чијшто прозорец не е свртен кон југ.
Ако доволно ја полевате со вода и ја храните на секое две недели со раствор од ѓубриво, таа ќе ви цвета со месеци.
Редовно отстранувајте ги пожолтените и исушени лисја, а добро негуваната примула, која може да ја најдете во сите нијанси на розова, црвена, сина или бела боја, ќе ви биде долготрајна декорација во вашиот дом.
Кога пак ќе престане да цвета, засадете ја во градината, дајте ѝ ја потребната нега и ќе ве израдува повторно наредната година.
Совет плус: Кога купувате примула, внимавајте листовите да бидат здрави, во зелена боја и без кафеави дамки.
М. Ѓ | Црнобело