Совети за одгледување лаванда во саксија
За најдобри резултати, обезбедете ѝ на вашата лаванда доволно светлина и сува почва. Ако не ви успева, тогаш најверојатно тоа е од премногу залевање со вода, премногу сенка или високо ниво на влажност.
Лавандата е широко позната и се користи како за здравје, така и за убавина. Ако ѝ се обезбедат потребните услови, лавандата може да се одгледува секаде. Поради својот неодолив мирис и изглед, може да се користи како дел од многу букети, подароци и украси.
Повеќето се научени да купуваат готови билки или производи од лаванда, но, таа лесно може да се одгледува и во домот, секако, ако се постапува правилно.
Кога и како да ја посадите и какви услови бара оваа билка, погледнете во продолжение:
Какви услови бара лавандата?
Ако веќе се одлучите да одгледувате лаванда, најдобро е да купите веќе здрави растенија. Возможно е и садење од семе, но тоа бара многу работа, време и е потешко.
Ако купувате садница лаванда, проверете дали ѝ одговара саксијата во која ќе ја купите или ќе треба да ја пресадите.
Ако, пак, се одлучите да ја посадите во двор, тогаш ископајте доволно широка дупка која ќе одговара на корените. Имајте на ум дека кореновиот систем на лавандата е поголем од самото растение.
Ставете и ѓубриво што ќе го поттикне растот на коренот и листовите.
Што се однесува до условите, за одгледување лаванда не треба посебни услови, но најдобри резултати ќе добиете со топла, добро исушена почва, која е доволно мека за да можете да ја обработувате.
Обезбедете ѝ на вашата лаванда доволно светлина и сува почва. Ако не ви успева, тогаш најверојатно тоа е од премногу залевање со вода, премногу сенка или високо ниво на влажност.
Лавандата цвета двапати годишно: првиот пат пообилно цвета кон крајот на пролетта и почетокот на летото, а вториот пат, малку послабо, во доцна есен.
Одгледување лаванда во саксија – на што да обрнете внимание?
Иако сме навикнати да ги гледаме лавандите во полиња или во прекрасно уредени градини, лавандата може да ја одгледувате и во саксии. Доколку ѝ се обезбеди соодветна почва и соодветни услови, лавандата може да порасне од 30 до 50cm во висина.
Ако се решите на овој чекор, посебно е важно да изберете соодветна саксија во која ќе ја ставите лавандата. Одлучете се за саксија која има добра дренажа и не задржува вишок вода. Ако е возможно, одберете што е можно поголема саксија.
Редовно наводнувајте ја, но, како што споменавме и претходно, лавандата не сака премногу влажност, па слободно оставете ја почвата да се исуши помеѓу две наводнувања.
Како да ја поткастрите лавандата?
Доколку сакате да ја поткастрите лавандата, најдобро е тоа да го направите во текот на мај, јуни или јули. Ако сакате да го поттикнете нејзиниот раст, треба да ја поткаструвате секоја година.
Лавандата го достигнува својот целосен развој во текот на третата или четвртата година од животот, а потоа ќе ве воодушеви со стотици прекрасни цветни стебленца.
М. Ѓ | Црнобело / фото: freepik.com