5 пролетни цвеќиња кои ќе успеат и во градината на најнеталентираните
Дали сте од оние што не успеваат да се грижат ниту за кактус? Овие пет видови цвеќе за терасата и градината не бараат премногу грижа, доволно е да не заборавите да ги полевате еднаш неделно.
Со доаѓањето на пролетта, цветните пазари изобилуваат со најразлични цвеќиња што можете да ги засадите и да си направите мал цветен рај.
Доколку сте од оние што не знаат да се грижат премногу за цвеќиња, тогаш треба да бидете внимателни при изборот и да не избирате растенија за кои треба посветено да се грижите, со цел, вашиот мал рај да остане расцветан и разнобоен во текот на целата сезона.
Некои цвеќиња е доволно само да ги засадите и повремено да ги наводнувате, а во продолжение издвојуваме пет видови цвеќе доколку и вие сте од оние што немаат премногу време или трпение да се грижат за нив.
Бегонии
Бегониите се одлични за да ги засадите во висечки кошници, саксии или во делови од вашата градина.
Важат за цвеќе што практично е невозможно да го уништите, а можете да ги засадите на места што се изложени директно на сонце или во полусенка.
Потребно е повремено да ги наводнувате, односно тогаш кога ќе забележите дека земјата околу нив е сува, а цветаат во текот на целото лето.
Африкански маргарити
Овие цвеќиња се одлични да ги засадите доколку имате поголем простор во дворот или во поголем и подлабок сад, при што треба да имате предвид дека на ова цвеќе му требаат околу 30cm за да се разграни.
Цветаат во пролет и во есен, а во летниот период кога температурите се високи ќе има период на стагнација, па затоа добро е да ги засадите со други видови цвеќе.
Овие цвеќиња најубаво цветаат кога се директно изложени на сонце, а потребно е да се залеваат најмалку еднаш неделно.
Јаглики
Јагликите може да се набават во различни бои, а може да ги одгледувате во саксии, висечки кошници или во градината.
Јагликите се мошне лесни за одгледување затоа што лесно се приспособуваат на секоја средина.
Најдобро растат на места каде што има полусенка, а потребно е да ги наводнувате еднаш неделно или почесто во месеците кога температурите се високи.
Јагликите цветаат од почетокот на пролетта, сѐ до почетокот на есента.
Сардели
Сарделите се едни од омилените цвеќиња во македонските градини затоа што не бараат премногу голема грижа, а цветаат од пролет сѐ до доцна есен, односно сѐ додека температурата е над 13 степени Целзиусови.
Може да се најдат во повеќе бои, а се одгледуваат во саксии и висечки кошници. Најубаво цветаат ако се директно изложени на сонце во текот на целиот ден, а потребно е да се полеваат тогаш кога почвата им е засушена.
Притоа, важно е да се полева само земјата, а не листовите и цветовите, за да не изгнијат.
Каранфили
Освен што изгледаат убаво, нивниот мирис ќе го чувствувате повеќе години. Ова се идеални саксиски цвеќиња за сите оние што сакаат да засадат цвеќе кое ќе расте повеќе години, а најчесто не смрзнуваат надвор ниту во текот на зимата.
Најдобро растат кога се директно изложени на сонце или во блага сенка и потребно е внимателно да ги наводнувате, затоа што со прекумерно залевање може да го оштетите коренот.
Б. С. Б. | Црнобело