Грешки со кои ја уништувате машината за перење (и облеката во неа)
Ако перете без омекнувач, облеката ќе биде крута, полесно ќе се тутка, а најверојатно и побрзо ќе се оштети.
Иако користењето на машината за перење е мошне едноставно, постојат некои грешки кои настојуваме да ги правиме сите.
Но некогаш овие грешки можат да ја уништат не само облеката, туку и самата машина.
Кои грешки треба да ги избегнувате?
Користите капсули за перење за малку облека
Можеби мислите дека капсулите се одлични кога перете малку облека бидејќи имаат помалку детергент.
Но, тие имаат поголема концентрација и всушност содржат детергенти колку за цела машина.
Затоа, ако сакате да користите капсули, ставајте ги само кога ќе ја наполните целата машина. Кога перете само неколку парчиња, ставете помало количество прашок и омекнувач.
Не ја луфтирате машината
Кога ќе ја извадите испраната облека, оставете ја вратата од машината отворена.
По перењето, иако во машината нема вода, сепак, има малку влага. Ако веднаш ја затворите вратата, од влагата може да се создаде мувла, а со тоа и непријатен мирис.
Ја перете облеката само со прашок
Прашокот ја чисти облеката, но не ја омекнува.
Можеби и сами имате забележано дека ако ја исперете облеката само со прашок, таа е многу крута.
За да ја омекнете облеката, но и за да ѝ го продолжите векот и да си го олесните пеглањето, секогаш ставајте и омекнувач.
Ги ставате детергентите во барабанот на машината
Постои причина зошто има посебно место во кое треба да ги ставите прашокот и омекнувачот.
Машината не ги пушта омекнувачот и прашокот во исто време, ниту веднаш откако ќе ја пуштите, па можете да им го намалите ефектот ако ги ставите во барабанот.
Покрај тоа, на овој начин можат да останат траги на облеката од детергентите.
Не ја чистите фиоката за детергенти
Поради влагата, во фиоката за прашок и омекнувач лесно може да се создаде мувла, која потоа ќе заврши на вашата облека. Исто така, со текот на времето овде се собира и бигор.
Па, не заборавајте да ја исчистите најмалку еднаш месечно.
Не ставате доволно детергенти
Препорачливо е да ги следите инструкциите за дозирање на амбалажите од прашокот и омекнувачот.
Ако ставите многу малку, облеката нема да се исчисти како што треба и нема да ги почувствувате придобивките од детергентите.
Не ги отстранувате влакната од облеката пред да ги ставите во машината
Секогаш отстранувајте ги влакната од облеката пред да ги ставите во машината, особено ако имате миленик.
Во спротивно, влакната ќе се наталожат во филтерот на машината и можно е да ја оштетат.
Ставате влажна облека во корпата или машината за перење
Сигурно веќе ви е јасно дека влагата создава совршена околина за развој на мувла.
Затоа, немојте да ставате влажни крпи во корпата за облека, ниту во машината, освен ако не планирате да ја пуштите веднаш.
Спирова С. | Црнобело