Булинг во детството, дискриминација, обесхрабрување: Кои се најчестите причини за недостиг на самодоверба?

Зајакнување на самодовербата треба да е задолжителна цел во личниот раст и развој на секоја личност.

buling-vo-detstvoto-diskriminacija-obeshrabruvanje-koi-se-prichinite-za-nedostig-na-samodoverba-01.jpgфото: freepik.com

Ниската самодоверба негативно ја афектира способноста за успех во работата и релациите со партнерот, семејството и пријателите, односно влијае на сите животни сфери.

Недостигот на верба во себе значително го намалува уживањето и задоволството во животот. Ваквиот недостиг е често причина за психотераписка работа.

Ниската самодоверба го отежнува целокупното човеково живеење и искористување на човековите потенцијалите. Причината зошто луѓето не успеваат во животот да постигнат сè што сакаат не е само во нивната ниска интелигенција или пак понудените можности и ресурси, туку често е во ниската верба во самите себе.

Таа предизвикува пречка во преземање на ризици, неможност во преземање на предизвици и поголеми одговорности. Стравот од неуспех и несигурноста може да се парализирачки за личноста и може да доведат до симптоми на анксиозност и депресивност.

Личноста која е несигурна има проблем во експресија на своите емоции и чувства, било да се тие позитивни или негативни. Личноста најчесто се насочува кон своите мани и недостатоци и не ги гледа своите таленти, доблести и позитивни лични аспекти.

Со помош на терапевт, клиентот може да го детектира коренот на ниската самодоверба кој многу често потекнува од примарното семејство. Периодот на раното образование исполнет со сите предизвици и булингот од врсниците, исто може да бидат голем и значаен фактор, покрај останатите.

Кои пораки ги добивавте како дете? Добивавте ли поддршка и охрабрување кога пробувавте нови работи? Добивавте ли негативни пораки и коментари? Имате ли доживеано некои рани трауматски настани, дискриминација и булинг во училишните денови, и дали последиците од истите сè уште ве следат? Дали секогаш ја барате вината во себе и имате лоши мисли за себе? Се чувствувате ли како неуспех?

Самодовербата е степен на сигурност во самите себе, чувството за нашата вредност и почит кон себе. Таа постои во континиум, од ниска до висока. Таа може да биде развиена со различно ниво, во различните животни сфери.

buling-vo-detstvoto-diskriminacija-obeshrabruvanje-koi-se-prichinite-za-nedostig-na-samodoverba-02.jpgфото: freepik.com

Ниска самодоверба предизвикува да се двоумите за себе, да чувствувате срам, потиснат гнев и фрустрација, зависност од други луѓе и константна потреба за надворешна поддршка, социјална анксиозност, генерализирана анксиозност и депресивни симптоми, чувство на неадекватност, недоволност, беспомошност, изолација и пасивност и изразен себекритицизам кој многупати е неоснован.

Самодовербата се создава и гради уште од најмала возраст, важни фактори се родителите, па поради тоа мора да се внимава во воспитувањето на децата и позитивната поткрепа за градење на овој важен личносен сегмент кој значително го афектира живеењето.

Животот се менува, така и самодовербата. Понекогаш и луѓето со висока самодоверба доживуваат кризи предизвикани од животните настани и промени и доколку ги доживуваат како неуспех или загуба, нивната самодоверба се намалува или флуктуира. Често самодовербата е ниска поради стигматизација и дискриминација од околината како резултат на невообичаен изглед, физички хендикеп или однесување, раса, вера, сексуална ориентација, припадност на социјална класа итн.

Во психотераписката пракса со клиентите многу често се работи на репарација или градење на личносната самодоверба. Во самиот процес терапевтот работи и на зголемување на чувството на себе-свесност и зголемување на асертивноста.

Пронаоѓањето на изгубеното или градење на воопшто не стекнато чувство за успех и постигнување, исклучително позитивно влијае на самодовербата. Во процесот на терапија се дефинираат блокадите, погрешните уверувања, се обработуваат траумите и негативните мемории и се прави план за специфични активности и компетенции кај клиентот, поставувајќи цели кои може полека да се достигнуваат.

Клиентот се учи да ја развие сопствената поддршка и љубов кон себе, и како да го стиши внатрешниот критизер и да ја прекине својата научена себе-саботажа.

Една од целите е да се научат нови позитивни навики и начини за грижа за себе, чекори за напредок, се поголема сигурност и разрешување на стравот од несупех. Речиси невозможно е човек да ги оствари сопствените соништа и цели без здрава и висока самодоверба.

Самодовербата не е фиксен атрибут, таа произлегува од сопствените мисли, внатрешниот дијалог, когнитивните верувања и акциите кои личноста ги презема.

Акциите се пак тие кои го обликуваат животот. Позитивно е што човековиот мозок е неуропластичен и дозволува со помош на волјата да се менуваме и тоа во секоја животна доба.

Прочитајте и: На тема анксиозност во време на корона со м-р Ивана Хаџиванова, психолог: „Вина, грижа на совест, страв за блиските“

Текстот го подготви М-р Ивана Хаџиванова 
Психолог, Психотерапевт и Супервизор
Основач на НЕОКОРТЕКС- Центар за психотерапија, психодијагностика, тренинг и едукација
НЕОКОРТЕКС може да ги следите на Фејсбук и Инстаграм

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Би можело да ве интересира:

Зголемен број на случаи со „слатка краста“ во Хрватска - Дали е опасна и како да се заштитите? „Најмногу ги погодува децата, а ако вашето дете добие ваква инфекција, не би тре...
Вие прашувате, психолог одговара: „Не можам да заборавам смрт на близок и да почнам да учам за испит... На прашањата од нашите читатели одговара лиценциран психолог/терапевт. На пра...
Вие прашувате, психолог одговара: „Немам желба да правам ништо, дали страдам од депресија?“ На прашањата од нашите читатели одговара лиценциран психолог/терапевт. На пра...
Папочна кила кај бебиња и мали деца: Како да ја препознаете и како се третира? Главниот знак на папочна кила е видлива испакнатина под кожата околу папокот. Та...
Вие прашувате, психолог одговара: „Страв ми е да летам со авион, мислам дека ќе добијам паничен напа... На прашањата од нашите читатели одговара лиценциран психолог/терапевт. На пра...
Работи кои НЕ треба да ги правите ако се будите среде ноќ (за да заспиете полесно) Не го допирајте телефонот и не гледајте колку е часот. Што да НЕ правите ако чес...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg