На тема анксиозност во време на корона со м-р Ивана Хаџиванова, психолог: „Вина, грижа на совест, страв за блиските“

Пандемијата на коронавирусот очекувано ги предизвика стравот, анксиозноста и паниката кај луѓето, активирајќи го во нас одбранбениот механизам на „борба или бегство’’. Самиот факт што се соочуваме со нов живото-загрозувачки вирус за кој сè уште немаме доволно факти и долготрајната неизвесност, секако е истовремено и објаснување и причина за ова што ни се случува.

na-tema-anksioznost-vo-vreme-na-korona-so-mr-ivana-hadzivanova-psiholog-vina-griza-na-sovest-strav-za-bliskite-001.jpg

Сите доживуваме многу загуби, промени и присилна адаптација во живеењето. Засилување на психолошки потешкотии се забележуваат и кај оние кои претходно страдале од ментални растројства, но се појавија и кај оние кои никогаш претходно не се соочувале со психички тегоби.

Несигурноста и стравот од загрозување на здравјето и сопствениот живот, грижата за своите најблиски, прават интензивен стрес кој предизвикува пред сè напнатост, преголема загриженост, зголемена алертност, збунетост, но и потешкотии  во спиењето и исхраната, пад на концентрација, меморија и когнитивните функции, замор – а, сето ова води до нарушување на целокупното дневно функционирање.

Од друга страна пак, научните сознанија за можните ефекти на вирусот врз целиот организам и повеќе системи, меѓу кои и централниот нервен систем и мозокот, се исто дел од објаснувањата за тоа зошто се забележува зголемување на психолошки и невролошки потешкотии и симптоми, и дестабилизација на менталното здравје кај дел од лицата со Ковид-19.

Но, во однос на целата слика, периодов кај луѓето сведочиме и реакции кои одат од крајност во крајност, и тоа од негација и потценување на ситуацијата што се манифестира низ неодговорно однесување и непочитување на мерки, па сè до крајна паничност и голема претпазливост со максимална изолираност.

vina-griza-na-sovest-strav-za-bliskite-na-tema-anksioznost-vo-vreme-na-korona-so-mr-ivana-hadzivanova-psiholog-02.jpgфото: depositphotos.com

Особено е тешко и вознемирувачко добивањето на позитивен резултат. Во тие мигови очекувана е ескалацијата на напнатоста и паниката. Присутно е преиспитување на контактите и движењето во минатиот период, страв од неизвесноста за своето здравје и секако здравјето на своите најблиски. Не е сеедно сознанието дека можеби сме ги ставиле под ризик и своите блиски, особено доколку има некој кој е во ризичната категорија.

Но, себе-обвинувањето во тие мигови не е пожелно, тоа го ескалира стресот кај индивидуата, а стресот директно влијае на имунитетот кој во тие мигови е многу потребно да се зачува јак, со цел полесно и побрзо минување на болеста и изолацијата.

Напнатоста, анксиозното размислување и паниката во тие први мигови, кај некои луѓе предизвикува дури и манифестација на психогени симптоми налик на болеста, дури и кај асимптоматските случаи. Рационалноста се намалува кога сме во паника, расудувањето страда, а стресот прави да некои луѓе „лепат“ на себе симптоми кои ги слушале и читале.

Од тие причини е важно да се сочува смиреноста и рационалноста, со цел адекватни реакции, проценка на сериозноста, ризикот и соодветна мобилизација за грижа за себе.

Во мигови на добивање позитивен резултат, но и при самиот тек на болеста, важна е комуникацијата со стручни лица, особено доколку постои неможност за дистинкција на реалните соматски тегоби, од психогените симптоми предизвикани од стресот кај некои луѓе.

Докторите кои се грижат за соматското здравје, како и стручните лица од областа на менталното здравје, ќе ја овозможат адекватната опсервација и психолошка проценка, како и потребниот третман и поддршка за личноста во тие периоди.

Што може да направиме во овој период со цел да го заштитиме менталното здравје?

1. Прво да се прифатат емоциите кои ги чувствуваме - нормално е и очекувано чувството на страв, тага, стрес, конфузија, грижа и лутина за време на криза. Веќе е присутна и многу ја забележувам психо-физичка исцрпеност поради долготрајноста на кризата, а тоа кај некого условува и појава и на депресивност. Затоа, мора да практикуваме време за себе, за релаксација и одмор.

2. Зборување со своите најблиски исто може да помогне.

3. Кога веќе е најбезбедно да се остане дома, добро е да се практицира здрав животен стил со здрава исхрана која ќе го крепи имунитетот, редовно спиење, вежбање и социјални контакти со своите блиски во домот, а он-лајн и по телефон со останатото семејство и своите пријатели.

vina-griza-na-sovest-strav-za-bliskite-na-tema-anksioznost-vo-vreme-na-korona-so-mr-ivana-hadzivanova-psiholog-03.jpgфото: depositphotos.com

4. Дневните прошетки на дистанца со пријателите и блиските, особено на сонце и во природа се мошне корисни.

5. Собирањето на информации кои ќе помогнат да се одреди сопствениот ризик треба да е до умерено ниво. Тоа ќе го зголеми чувството на контрола и сигурноста дека личноста превзема нешто.

Со оглед на тоа дека честопати сме подложни на лажни информации со застрашувачки и често контрадикторни податоци во виртуелниот простор, лимитирајте ја грижата и вознемиреноста со намалување на времето на гледање и слушање на медиуми и онлајн страници кои што ги перцепирате како вознемирувачки.

Добро е да не се употребуваат цигарите, алкохолот и други психоактивни супстанци за справување со своите емоции.

Практикувајте ги вештините и алатките кои сте ги употребувале во минатото и ви помогнале во претходни животни тешки периоди, и искористете ги за помош во справување со своите емоции во ова предизвикувачко време.

Потсетување на други претходни периоди кои успешно сме ги надминале е корисно, резилиентните снаги се многу важни да се почувствуваат.

Ако се чувствувате преплавено, зборувајте со стручно лице од областа на менталното здравје како психолог/психотерапевт. Теле-терапијата, односно онлајн психотерапијата е доверлив разговор во кој се добиваат тераписки интервенции, психолошки совети и психоедукација, и е особено корисна и достапна сега, а претставува метода која е со докажана ефикасност од страна на невронауката.

Доста се чести, како резултат на интензивниот страв и когнитивни дисторзии кои се јавуваат во умот на човекот, и во овој период тие може да се застрашувачки. Да се обидеме да не практикуваме катастрофизирачки начин на размислување.

Имаме борба во реалноста, но да внимаваме да немаме преголема замислена борба и во умот, особено во добрите денови. Не смее да дозволиме само најцрни сценарија да ни доминираат во глава, да одиме ден по ден и да гледаме реалистично, со присуство овде и сега.

Да ја задржиме храброста, истрајноста и надежта, тие ни се сега најпотребни.

Текстот го подготви М-р Ивана Хаџиванова 
Психолог, Психотерапевт и Супервизор
Основач на НЕОКОРТЕКС- Центар за психотерапија, психодијагностика, тренинг и едукација
НЕОКОРТЕКС може да ги следите на Фејсбук и Инстаграм

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Би можело да ве интересира:

Вие прашувате, психолог одговара: „Страв ми е да летам со авион, мислам дека ќе добијам паничен напа... На прашањата од нашите читатели одговара лиценциран психолог/терапевт. На пра...
Вие прашувате, психолог одговара: „Како да се ослободам од постојаниот страв дека ќе се случи нешто ... На прашањата од нашите читатели одговара лиценциран психолог/терапевт. На пра...
Рамни стапала кај деца: Што ги предизвикува и кога е време да побарате помош? Важно е да запаметете дека детето никогаш не треба да носи чевли што ги носело д...
Вие прашувате, психолог одговара: „Постојано се плашам дека сум болна од нешто и дека умирам“ На прашањата од нашите читатели одговара лиценциран психолог/терапевт. На пра...
Положби на спиење кои помагаат при разни проблеми со здравјето Ако имате проблеми со дигестивниот систем, како киселини, најдобро е да спиете с...
Продукти кои се богати со калциум и ги зајакнуваат коските (а не се млечни) Гравот не е богат само со протеини и хранливи влакна, туку и со калциум. 100 гра...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg