7 болести што можете да ги спречите со вежбање (дури и ако сте повозрасни)
Покрај кардиоваскуларните болести, физичката активност го намалува ризикот и од ментални заболувања, како депресија.
Физичката активност е важна не само за да бидеме во форма, туку и поради фактот што може да го намали ризикот од низа болести.
Како што старееме, ова станува поизразено, бидејќи со годините се зголемува ризикот од одредени болести, особено ако не сме активни.
Кои болести можете да ги спречите со редовна физичка активност?
Деменција
Физичката активност може да го намали ризикот од деменција, дури и ако почнете со вежбање подоцна во животот.
Според истражувањата, ако повозрасните лица се активни и само 60-тина минути неделно, можат да го намалат ризикот.
Комбинацијата од аеробни и вежби за зајакнување на мускулите е идеална за намалување на ризикот од деменција.
Остеоартритис
Остеоартритисот е заболување што има влијание врз зглобовите и може да предизвика болка, вкочанетост и отежнато движење.
Физичка активност често им се препорачува на лицата со остеоартритис, но истражувањата покажале дека може и да го намали ризикот од заболувањето.
Покрај аеробните вежби, за ова заболување добри се и вежбите што ја подобруваат флексибилност, како јога.
Артритис
Остеоартритис е подвид на артритис, а физичката активност го намалува ризикот и до другите типови.
Едноставните вежби, како јога и таи чи можат да бидат особено корисни за лица кои веќе имаат артритис, но можат и да го намалат ризикот од заболувањето.
Кардиоваскуларни проблеми
Голем дел од кардиоваскуларните заболувања се причинети од лоши животни навики, вклучувајќи и неактивност.
Редовното вежбање, особено аеробни вежби, ја поттикнува циркулацијата и може да го намали ризикот од низа проблеми со срцето, вклучувајќи и инфаркт.
Но, ако веќе имате проблеми со срцето, консултирајте се со лекар пред да почнете со некоја рутина за вежбање.
Остеопороза
Остеопорозата ги ослабува коските и го зголемува ризикот од скршеници. Ослабувањето на коските често се јавува кај постари лица, но вежбањето може, ако ништо друго, да го одложи.
Физичката активност ги зајакнува коските, а најдобри се вежбите како пешачење, но и вежбите кои ја подобруваат рамнотежата.
Саркопенија
Сакорпенијата претставува прогресивно губење на мускулната маса.
Па, јасно е дека физичката активност, особено вежби што ги активираат и зајакнуваат мускулите, можат да го намалат ризикот од заболувањето.
Депресија и анксиозност
Физичката активност има позитивно влијание и врз менталното здравје.
Со вежбањето се намалува нивото на стрес, се подобрува расположението, и со тоа се намалува ризикот од депресија или анксиозност.
Вежбањето им е препорачано и на лицата кои веќе страдаат од овие заболувања бидејќи може да ги ублажи симптомите, секако, во комбинација со соодветна терапија.
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





