Колку е опасен убодот од болви + како да го намалите чешањето?
Убодот од болви обично не е опасен, но кај некои луѓе може да предизвика алергиска реакција. Чешањето трае само неколку дена, но можете да го ублажите со кремови, но и домашни лекови, како мед.
Болвите се ситни инсекти без крилја. Тие се темнокафеави или црни, имаат шест нозе, како силни канџи на дното на нивните нозе што им овозможуваат да се држат до „домаќинот“ и да се хранат со неговата крв.
Нивните задни нозе се подолги и посилни од оние во средината и напред, што им овозможува да скокаат и над 30 сантиметри.
Каснувањето од болви ретко предизвикува трајна штета. Тие предизвикуваат блага вознемиреност и иритација која не трае долго, но сепак, треба да се има предвид дека каснувањето од болви понекогаш може да биде опасно бидејќи тие може да шират болести кои може да бидат сериозни, а некогаш и фатални.
Каде најчесто се наоѓаат болвите?
Болвите се најактивни кога времето е топло. Живеат околу дрвја, лисја, висока трева и грмушки. Кога животните поминуваат покрај овие области, болвите скокаат во нив.
Кај кучињата, мачињата и други животни, болвите живеат околу ушите, вратот, грбот и стомакот.
Така, преку животните болвите може да влезат во вашиот дом и да се скријат најчесто во тепих, мебел, постелнина.
Каснување од болви
Болвите ги каснуваат луѓето, но најчесто кучињата и мачките и не остануваат да живеат на човекот.
Кучињата и мачките имаат многу повеќе влакна од луѓето, а болвите сакаат животни со крзно бидејќи тоа им овозможува лесно да се скријат.
Болвите имаат силни канџи на краевите на нозете кои ги користат да се држат за „домаќинот“. Нивните усни вклучуваат ситна игла што ја пробива кожата, ја цица крвта и лачи плунка во крвотокот.
Кога болвата лачи плунка во човечкиот крвоток, телото ја регистрира плунката како алерген. Тогаш, човечкиот имунолошки систем одговара за да го отстрани алергенот од телото.
Хистаминот е она што предизвикува чешање и отекување на каснувањето од болви.
Многу луѓе и се алергични на каснување од болва.
Како изгледа местото каснато од болва?
Откако болвата ќе го касне човекот, се формира мала испакнатина. Околу каснувањето може да се појави прстен, а каснувањата од болви може да се појават и како кластер од неколку испакнатини.
Каснувањето од болви е најчесто на нозете, особено на стапалата и глуждовите.
Важно е секогаш да ги прегледувате добро вашите миленици. Ако тие се немирни и се чешаат повеќе од нормално, тогаш можеби имаат болви.
Каснувањето од болви најчесто не бара посебен третман, но постојат кремови и масти против чешање кои може да ја ублажат непријатноста.
Сепак, ако по каснувањето забележите потешки симптоми, како алергиска реакција, треска, главоболка или болки во телото, веднаш обратете се кај вашиот лекар.
Како да го спречите чешањето од болвите?
Не ги чешајте убодите од болви, затоа што така ризикувате да си направите рани преку кои може да се изложите на инфекција. Иритацијата трае само неколку дена, а со некои домашни лекови може да го спречите чешањето.
На пример, чешањето може да го спречите и со мраз. Мразот може да го забави количеството на крв што тече во одредена област, го намалува воспалението, болката и отокот.
Нанесете малку мраз покриен со тенка крпа и држете најмалку 10 минути.
Исто така, во оваа намена може да ви помогне и алое вера - гелот содржи салицилна киселина која го ублажува чешањето и болката.
Тука можеме да го споменеме и чајот од камилица кој има антиоксидантни и антихистамински својства.
Додајте кесичка чај од камилица во вода и оставете така да постои најмалку 20 минути, додека водата не добие богато златно-кафеава боја.
Потоа, извадете ја кесичката и исцедете ја, па на крај притиснете ја на каснатото место од болва и држете така најмалку 10 минути, па избришете со чиста крпа.
И медот може да ви помогне да го ублажите чешањето предизвикано од каснување од болва. Ставете доволно мед на убодот, а може и да го преврзете и со завој.
М. Ѓ. | Црнобело / фото: freepik.com