Помалку познати симптоми на синдром на полицистични јајници (што не треба да ги игнорирате)
Подуеност во област на стомакот, болки во други делови од телото, крвавење кога немате менструација - сите овие можат да бидат знаци дека имате циста во јајникот која пукнала и треба да се консултирате со гинеколог.
Формирањето цисти во јајниците е релативно честа појава и генерално безопасна.
Во повеќето случаи, цистите сами исчезнуваат по неколку месеци и некогаш жените и девојките не ни чувствуваат симптоми.
Но, некогаш цистите пукаат и тогаш претставуваат ризик по здравјето на жената.
Во овој случај се јавуваат и симптоми кои не е препорачливо да ги игнорирате и потребно е веднаш да се консултирате со гинеколог.
6 симптоми за цисти во јајниците кои не треба да се игнорираат:
Болка во областа на карлицата
Кога цистите се поголеми или кога ќе пукнат, може да се јави болка во стомакот, поточно во областа на карлицата.
Најчесто болката е локализирана на едната страна, односно на јајникот каде што пукнала цистата.
Подуеност и отоци
Подуеноста е чест симптом на ПМС, а некогаш причината е и храната што сме ја консумирале.
Но, ако се чувствувате подуено, па забележувате и оток во областа на стомакот без навидум друга причина, консултирајте се со гинеколог.
Чувство на тежина во стомакот
Ако чувствувате како стомакот да ви е полн или имате чувство на тежина, а не сте се прејале и не ви се оди во тоалет, може да станува збор за циста во јајникот.
Болка во други делови од телото
Проблематичните цисти можат да предизвикаат симптоми и на други делови од телото, не само стомакот.
Некогаш може да се почувствува слаба болка во градите (како за време на ПМС), како и болка во нозете и долниот дел од грбот.
Проблеми при одење во тоалет
Во некои случаи цистите создаваат проблеми и при одењето во тоалет.
Односно, може да ви биде тешко целосно да го испразните мочниот меур или да почнете да уринирате.
Може и да се јави почеста потреба за уринирање.
Промени во вагината
Овие промени вклучуваат посилна болка од вообичаено за време на менструација, болка за време на секс, како и крвавење кога немате менструација.
Кога итно да побарате лекарска помош?
Ако ги забележувате симптомите што ги набројавме, секогаш е добро да се консултирате со лекар.
Но, веднаш побарајте лекарска помош доколку:
- Дишете забрзано и испрекинато
- Чувствувате слабост и вртоглавица
- Имате нагла и силна болка во стомакот
- Болката во стомакот е придружена со треска и повраќање
Спирова С. | Црнобело