5 знаци дека имате здрав менструален циклус (и кога треба да одите на гинеколог)
Редовните менструации главно се знак дека хормоните ви се синхронизирани. Што друго покажува дека имате здрав менструален циклус?
Менструалниот циклус предизвикува различни симптоми кај секои жена.
Кај некои се поизразени, некои не ги ни чувствуваат.
Но, менструацијата не треба да биде тортура – доколку во овие денови од месецот не можете ни да станете од кревет, тогаш можеби се соочувате и со здравствен проблем.
Во продолжение, пак, погледнете кои се знаците дека имате здрав менструален циклус:
Редовни менструации
Траењето на менструалниот циклус варира – најчесто е помеѓу 21 и 35 дена, додека крвавењето обично трае од два до седум дена.
Ако секој месец добивате менструација во предвиденото време, тоа значи дека хормоните ви се синхронизирани и дека репродуктивното здравје е генерално во ред.
Нередовните менструации, од друга страна, можат да бидат предизвикани од низа причини.
Прво, важно е да се нагласи дека во време на пубертет, нормално е менструацијата да не биде редовна.
Исто е нормално и во годините кога наближува менопауза.
Но, ако сте во таканаречени плодни години, нередовната менструација може да е поради хормонална нерамнотежа, ендометриоза, проблеми со тироидната жлезда, синдром на полицистични јајници, стрес…
Умерено крвавење
Количеството крв исто така варира, но генерално, во една менструација жените губат околу 60 милилитри крв (една и пол чашка за ракија).
Секако, некои жени имаат пообилни, а некои послаби менструации, но и ова треба да биде во некои нормални граници.
Ако крвавењето ви е премногу обилно и менувате влошки на секој час или ако менструацијата ви трае осум, девет и повеќе денови, тогаш добро би било да се консултирате со лекар.
Истото важи и ако менструацијата ви трае само еден ден или крвавењето е толку слабо, што не мора ни да смените влошка.
Нормална боја и густина на крвта
Менструалната крв има темноцрвена, некогаш и кафена боја.
Нијансата зависи од тоа кој ден од циклусот е – на почетокот на циклусот може да биде посветла, а потоа постепено да станува потемна.
На самиот крај од циклусот може да биде и потполно кафена.
Доколку менструалната крв е многу светла и/или ви делува премногу воденеста, добро би било да се консултирате со гинеколог.
Ова не мора да е знак дека има некој проблем, но секогаш е добро да се проверите.
Стабилно расположение и ниво на енергија во текот на циклусот
Секој месец жените искусуваат хормонална флуктуација, односно нивото на одредени хормони се намалува и зголемува.
А, овие промени предизвикуваат разни симптоми.
На пример, за време на овулација можно е да имате поголема желба за секс, додека сте во ПМС можно е да бидете раздразливи, а додека имате менструација да бидете полетаргични.
Но, овие симптоми треба да се занемарливи, односно да не ви го попречуваат секојдневието.
Доколку забележувате драстични промени во расположението и нивото на енергија во текот на месецот, тогаш консултирајте се со експерт.
Болки кои не се многу силни
Повеќето жени чувствуваат болка за време на циклусот. Оваа болка е нормална, но сè додека не е многу силна.
Интензивните болки за време на менструација можат да бидат предизвикани од разни проблеми со здравјето како цисти, ендометриоза и слично.
Не секогаш значи дека силните болки се знак за здравствен проблем, но не е препорачливо да ги игнорирате.
Спирова С. | Црнобело