Исповед на скопјанка: „Влегов во менопауза и почнав да се менувам - зошто сакам да ‘излезам’ од сопствената кожа?“
„Топло-ладните флешови ги замени нешто уште пострашно - неконтролирано ноќно потење. Се будев од сон само затоа што чувствував дека спијам во „вода“. Ништо подобро не беше ни на психички план, а се однесував полошо отколку во тинејџерските денови - сите беа против мене, цел свет ме мразеше, но и јас ги мразев нив“.
Кога до пред некоја година ги гледав повозрасните колешки како се справуваат со првите знаци на менопауза и климакс, на моменти ми доаѓаше да им се насмеам.
Се сеќавам дека дури и го направив тоа кога среде работно време, во февруари месец беше, чинам, една од нив се затрча кон прозорецот и ширум го отвори.
Сите во канцеларија смрзнуваа, а таа велеше дека „ќе пукне од жештина“.
Тогаш ми беше смешно, денес ми е јасно како ден што зборуваше и низ што минуваше.
Иако немам полни 47 години, веќе година и пол сум во менопауза.
Кога почнаа првите симптоми на перименопаузата - скокнат циклус на 8-9 месеци или мали промени во расположението, не верував дека толку рано ќе влезам во климакс. Со сите симптоми.
Се сеќавам на последниот циклус. Се сеќавам и дека по неколку месеци од мобилниот ја избришав апликацијата која ми „броеше“ плодни денови и време до следниот циклус.
Веќе не ми треба. Не ми требаат ни влошки, што е позитивно во целата ситуација, ха-ха.
Но, почнав да се соочувам со сите негативни пропратни појави и ми доаѓа да излезам од кожа. И тоа буквално.
Понекогаш ми се чини дека Скопје ми е мало и дека би се преселила некаде кај што никој не ме знае, за никој да не мора да ме трпи.
Па што се смени кај моето тело, но и во мојата психа во последниве 18 месеци?
Иако немам циклус, многу често чувствувам неописливо силен глад токму во деновите кога по некоја логика би била во плодни денови и во деновите кога би ми завршил циклусот...
Како знам дека се тоа денови кога би требала да имам циклус? Лесно - градите ми отекуваат, стомакот ми се надувува исто како и порано.
Велат, телото памти, па иако ништо не се случува, го имитира она на што било навикнато последниве 35 години.
Никогаш не сум била слаба, но во последнава година целулитот на нозете е полош и од „кора од портокал“ - дупките стануваат поизразени и ништо не ми помага.
Ако не ја бојадисам косата на две недели, почнувам да личам на старица, а не сум спремна да ја прифатам „седата коса“ и мислам дека никогаш нема да го направам тоа.
На почетокот (минатото лето) имав топло-ладни флешови.
Ќе ми станеше толку жешко што мислам дека не можев да издржам во сопственото тело.
И во секундата ќе се препотев за во следната секунда да почне да „ме тресе“, иако надвор беше и преку 30 степени Целзиусови.
Иако ова најчесто ми се случуваше ноќе, знаеше да се случи и додека сум на работа.
„Дечки, ако да си донесам влечки за во канцеларија? - ги прашав најсериозно.
За среќа, флешовите престанаа, а со тоа и неиздржливата жештина на моменти. Всушност, имав топло-ладни епизоди две недели, па во следните недела-две спиев мирно. Потоа се враќаа. И така во круг.
Но, нив ги замени нешто уште пострашно (барем за мене) - неконтролирано ноќно потење.
Се будев од сон само затоа што чувствував дека спијам во „бара од вода“, колку многу „течеше“ од мене. А во текот на денот ништо - никаква индикација дека нешто ми се случува.
Во еден момент дури ја загубив и желбата за секс, но за среќа, се врати за помалку од три месеци.
Ништо подобро не беше ни на психички план.
Однесувањето ми беше полошо отколку во тинејџерските денови - сите ми пречеа, сите беа против мене, цел свет ме мразеше, но и јас ги мразев нив.
Викав кога не требаше, се затворав во тоалет за никој да не види дека плачам, заспивав со солзи, се будев нерасположена.
За среќа, и оваа фаза траеше кратко, иако многу ретко знае да се повтори.
Иако сум свесна зошто се однесувам така како што се однесувам, и мојот мозок е рационален, сепак, потпаѓам брзо под лошото расположение и „возот тргнува удолу“, немам контрола над своите чувства и реакции.
Додека го пишувам ова, да бидам искрена, малку и се молам во себе со надеж дека што побрзо ќе ме „пушти“ климаксот и дека нема да трае цела деценија, а јас што помалку да бидам неподнослива и за себе и за околината.
Во спротивно, врескањето на цел глас и излегувањето од сопствената кожа ќе бидат најмалиот проблем.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобелo
Би можело да ве интересира:





