Како се пренесува птичјиот грип и колку е опасен за луѓето?
Птичјиот грип е болест која е присутна кај птиците, но може да се пренесе и на луѓе. Бројот на луѓе заболени од птичји грип е мошне мал, но вирусот може да предизвика сериозни симптоми, особено ако не се третира навреме.
Птичјиот грип, нарекуван и авијарна инфлуенца, е вирусна инфекција која ги напаѓа птиците.
Во ретки случаи, може да се пренесе кај луѓе и да предизвика низа симптоми кои можат да бидат и сериозни.
Во продолжение, неколку факти за птичјиот грип кои е добро да ги знаете:
Што е птичји грип и колку видови постојат?
Како што кажува името, вирусот што е одговорен за птичјиот грип ги напаѓа птиците, но може да се заразат и други животни.
Некогаш вирусот може да се пренесе и на луѓе, а кај нив симптомите можат да бидат поопасни.
Важно е да се напомене дека многу е ретко човек да се зарази од друг човек.
Па, кога се зборува за „епидемија со птичји грип“, обично се однесува на фактот дека се заразени многу птици, со што се зголемува ризикот болеста да се пренесе на луѓе или други животни.
Постојат многу подвидови на вирусот што предизвикува птичји грип, додека кај заразените луѓе најчестите се A(H5N1) и А(H7N9).
Како што веќе спомнавме, заразата кај луѓе е особено ретка.
Според Светската здравствена организација, во периодот од 2003 до 2024 година, забележани се вкупно 896 случаи на луѓе заразени со птичји грип, на глобално ниво.
Како луѓето се заразуваат со птичји грип?
Можете да се заразите со птичји грип ако сте во контакт со заразени птици или животни.
Вирусот се пренесува преку телесните течности, како плунка, но и измет.
Според Clevеland Clinic, не можете да се заразите ако јадете добро зготвено месо од заразено животно.
Ова значи дека на најголем ризик се изложени луѓе кои работат со птици, како луѓе кои одгледуваат кокошки.
Кои се симптомите на птичји грип?
Луѓето заразени со птичји грип обично чувствуваат респираторни проблеми.
Дел од најчестите симптоми вклучуваат:
- Треска
- Замор
- Кашлање
- Болно грло
- Гадење и повраќање
- Болки во мускулите
- Дијареја
- Затнат нос
- Отежнато дишење
- Конјунктивитис
Кои се компликациите од вирусот?
Кај луѓето, птичјиот грип може да предизвика сериозни симптоми и да води до компликации како:
- Пневмонија
- Бактериска инфекција
- Сепса
- Отекување на мозокот
- Откажување на респираторниот систем
Како се дијагностицира вирусот и има ли лек?
Не се прават рутински тест за птичји грип.
Но, ако сте биле во контакт со заразенo животно, ќе ви биде направен тест со брис од грлото или носот – слично како тестовите за коронавирус.
Вирусот се третира со антивирални лекови кои го спречуваат неговото ширење.
Терапиите се најефикасни ако почнат да се користат веднаш штом се појават симптомите.
Ако сте заразени или чекате резултати, препорачливо е да се изолирате – иако е реткост да заразите и некој друг, сепак постои ризик.
Спирова С. | Црнобело