Што предизвикува пелтечење кај возрасните и може ли да се надмине?
Пелтечењето кај децата кои уште учат да зборуваат не е невообичаена појава, но кај возрасните може да биде причинето од разни фактори, вклучувајќи генетика, но и животна траума.
Пелтечењето претставува отежнат говор и околу 80 милиони луѓе ширум светот се соочени со овој проблем.
Не секогаш е познато што предизвикува пелтечење, но, секако, експертите имаат неколку претпоставки.
Луѓето кои пелтечат знаат што сакаат да кажат, но обично им е тешко да го изговорат зборот.
Ова се карактеризира со развлекување на еден глас или збор, повторување на некој слог или глас и слично.
Некогаш мораат и да направат пауза помеѓу зборовите бидејќи им е тешко да ги изговорат.
На која возраст се јавува пелтечењето?
Пелтечењето е најчесто кај малите деца кои уште учат да зборуваат.
На пример, некои деца пелтечат бидејќи не им се доволно развиени способностите за говор.
Во овој случај станува збор за развојно пелтечење кое децата го надминуваат.
Сепак, некогаш пелтечењето продолжува дури и кога способноста за разбирање на јазикот е развиена.
Кај возрасните, овој проблем може да биде поизразен кога се во стресни ситуации, под стрес, под притисок…
За луѓето кои пелтечат може да биде особено тешко да зборуваат пред други и преку телефон.
Интересно е што неретко луѓето кои пелтечат го немаат овој проблем кога пеат или кога зборуваат во исто време со некој друг.
Ако имате дете кое пелтечи, кога треба да се обратите кај експерт?
Како што спомнавме, пелтечењето не е невообичаена појава кај децата кои уште зборуваат да учат.
Сепак, ако детето пелтечи и по петтата година, тогаш е добро да се консултирате со експерт.
Консултацијата е препорачлива и ако:
- Пелтечењето се појавило отпосле и трае повеќе од шест месеци.
- Придружено е со други пречки во говорот и разбирањето на јазикот.
- Има влијание врз комуникацијата со другите.
- Создава емоционални проблеми и анксиозност кај детето.
Што го предизвикува пелтечењето кај возрасните?
Најчесто пелтечењето е предизвикано од комбинација од фактори.
Некогаш е предизвикано од мозочен удар или некаква повреда на мозокот која има влијание врз центарот на говорот.
Пелтечењето може да се појави и во особено стресни ситуации. На пример, личност која не пелтечи може да има проблеми со говорот ако е многу нервозна.
Во некои случаи, и животните трауми кои оставаат последици по менталното здравје можат да предизвикаат пелтечење.
Кои се ризичните фактори и што ако не се третира?
Според статистиката, пелтечењето е почеста појава кај мажите.
Ризичен фактор претставуваат и пречките во развој кај децата, но и нарушувања како аутизам или АДХД.
Истражувањата покажале и дека во некои случаи пелтечењето може да биде наследно.
Само по себе, пелтечењето не е сериозен здравствен проблем.
Сепак, може да има влијание врз менталната состојба на личноста и да води до:
- Отежната комуникација.
- Избегнување ситуации во кои треба да се зборува.
- Изолирање и избегнување обврски, па и пропуштање шанси за напредок и успех.
- Малтретирање и навреди од други деца или возрасни.
- Намалена самодоверба.
Дали може да се надмине пелтечењето кај возрасните?
Постојат разни методи кои се користат за да се надмине овој проблем, во зависност од причината.
Некои од третманите вклучуваат:
- Терапија за говор при која експертот ќе ви помогне да го подобрите говорот преку разни вежби.
- Когнитивно бихевиорална терапија со која може да се утврди причината за пелтечење, како стрес, анксиозност или траума.
Експертите имаат тестирано и лекови за пелтечење, но досега не е пронајдена терапија со лекарства која е ефикасна.
Спирова С. | Црнобело