Што е предвремен пубертет, што го причинува и може ли да се спречи?
Не секогаш може да се утврди точната причина за предвремен пубертет. Но, препорачливо е родителите да не им даваат ништо на децата со естроген и тестостерон. Овде спаѓаат хормонални кремови, додатоци во исхраната, како и лекови за возрасни.
Раниот или предвремен пубертет подразбира развој и промени на детското тело кои почнуваат на прерана возраст.
А, експертите забележуваат дека станува сè почеста појава.
Во просек, пубертетот кај девојчињата почнува на возраст помеѓу 8 и 13 години, а кај момчињата – помеѓу 9 и 14 години.
Сепак, важно е да се напомни дека улога може да има и генетиката - кај некои народи, како американските староседелци, забележано е дека пубертетот вообичаено почнува порано.
Ако знаците за пубертет се појават пред осум години кај девојчињата и пред девет години кај момчињата, тоа значи дека имаат предвремен пубертет.
Иако девојчињата можеби не ја добиваат првата менструација пред 8-годишна возраст, забележан е зголемен број на случаи каде што нивните тела почнуваат да се развиваат додека се помали.
Честопати не може да се открие точната причина за предвремен пубертет, но експертите истражуваат неколку можни фактори, како начин на исхрана и дебелина.
Во многу ретки случаи, раниот пубертет може да биде предизвикан од одредени медицински состојби.
Што треба да знаете за раниот пубертет, ако сте родител?
Што е пубертет?
Пубертетот е период кога детското тело почнува да се развива во тело на возрасна личност.
За време на пубертетот, мускулите и коските растат побрзо, а се менуваат големината и формата на телото.
Се развиваат и репродуктивните органи, а телото станува способно за репродукција.
Кои се знаците дека детето е во пубертет?
Пубертетот трае неколку години и во овој период се случуваат разни промени во телото.
Знаци на пубертет кај девојчиња:
- Развој на градите
- Појава на влакна под пазувите и на гениталиите
- Менструација – најчесто е последен симптом
Знаци на пубертет кај момчиња:
- Се зголемуваат тестисите и половиот орган
- Појава на влакна на гениталиите и под пазувите
- Зголемена мускулна маса
- Подлабок глас
- Појава на влакна на лицето, односно брада
И кај момчињата, и кај девојчињата, честопати се јавуваат акни и проблеми со кожата, а обично и значително се зголемува висината.
Што е предвремен пубертет?
Кога знаците за пубертет ќе почнат да се јавуваат порано – пред 8 години кај девојчиња и пред 9 години кај момчиња – тоа значи дека се во предвремен пубертет.
Кога почнува пубертетот, мозокот почнува да го лачи хормонот познат како GnRH.
Кога овој хормон ќе стигне до хипофизата, дава сигнал да се лачи повеќе естроген во јајниците или повеќе тестостерон во тестисите.
Естрогенот е хормон одговорен за женските карактеристики, додека тестостеронот – за машките.
Кај предвремениот пубертет, постои фактор што влијае на овој процес.
Постојат два вида предвремен пубертет, нарекувани и централен предвремен пубертет и периферен предвремен пубертет.