Како да препознаете сончаница кај децата и кога треба веднаш да се обратите на лекар?
Што да правите ако вашето дете добие сончаница додека сте на плажа? Кои се симптомите, како можете да му помогнете и кога треба под итно да се обратите на лекар?
Сончаницата е сериозна здравствена состојба што може да ги погоди сите, но децата се особено чувствителни заради недоволно развиена терморегулација.
Сончаницата се јавува како реакција на организмот при претерано изложување на сонце, а симптомите што ги чувствуваме се последица на тоа што нашето тело не е во можност да ја регулира телесната температура.
Кои се првите симптоми што укажуваат дека вашето дете има сончаница?
Симптомите на сончаница кај децата може да бидат различни и често се развиваат мошне брзо.
Препознавањето на овие симптоми е мошне важно за брзо да реагирате и да му пружите соодветна помош.
Раната реакција често е многу бурна. Забележително е дека детето одеднаш станува изнемоштено, чувствува вртоглавица и мачнина, често се случува да повраќа и станува поспано.
Кај поголемите деца може да се забележи вознемиреност, а без разлика на возраста, скоро сите дечиња се жалат на главоболка.
Кај децата се јавува потење, прво се забележува дека рацете и нозете се топли, а ако не го тргнете од сонце, детето почнува да се жали дека му студи и почнува да се тресе.
Вообичаено телесната температура е покачена, но може да биде и нормална.
Кај детето може да се забележи забрзано плитко дишење, додека телото се обидува да се ослободи од топлина.
А, ако детето се онесвести, тогаш итно мора да однесете на лекар.
По правило, колку детето е помало, толку симптомите се поизразени, а опасноста од компликации е поголема.
Кога ќе се претера со сончање може да дојде до губење на свеста, што најчесто се случува кај адолесцентите.
Задоцнета сончаница
По правило, задоцнетите симптоми на сончаницата се помалку изразени, но подолго траат. Децата се постојано топли, иако не се на сонце, и често изгледаат како да имаат вирусно заболување.
Овие симптоми често се јавуваат неколку часа откако детето било изложено на сонце, обично навечер пред спиење или во текот на ноќта, а тие се знаци дека телото на детето сè уште не е закрепнато од стресот предизвикан од прекумерната топлина.
Најчести симптоми се:
Упорна главоболка – најчесто се жалат на болка во челото или во пределот на тилот;
Замор и исцрпеност – Забележително е дека детето делува уморно дури и откако ќе се одмори и ќе се наспие, а исцрпеноста често е последица на дехидрирање;
Мачнини и повраќање – Се јавуваат како последица на дехидрирањето и стресот врз телото за време на сончаницата;
Вртоглавица или проблем со одржување рамнотежа;
Сува уста, раздразливост, нервоза и апатија, како и чувство на слабост во мускулите, што се јавува како последица на дисбалансот на електролити во телото.
Што треба да направите?
Ако забележите дека вашето дете има некои од овие симптоми, треба веднаш да го тргнете од сонце и да го пренесете во климатизирана просторија или барем во затемнета и добро проветрена соба.
Пожелно е детето да го истуширате со млака вода и да го оставите да се исуши без бришење.
Секако, веднаш е потребно да му дадете да пие течност, како чај, сок или вода. Притоа течноста не треба да се дава веднаш во големи количества, туку почесто во мали количини, особено ако детето претходно повратило.
Може да му се даде лек за покачена телесна температура и, секако, неопходно е да му овозможите да спие и да се одмори.
Кога е неопходно да се обратите на лекар?
Ако телесната температура не паѓа, тоа може да биде знак дека не се работи само за сончаница, туку и за друга инфекција. Затоа, неопходно е детето да биде прегледано од лекар.
Ако детето падне во несвест и потоа се разбуди конфузно или слабо комуницира со околината, неопходно е веднаш да се обратите на лекар.
Исто така, ако детето постојано повраќа, тогаш најверојатно се работи за потежок облик на сончаница и потребно е итно да го однесете на лекар.
Сигурни знак дека треба да одите на лекар е и ако забележите дека детето забрзано дише, и покрај разладувањето и се жали на болка во градите.
Колку време трае сончаницата?
Сончаницата може да трае од неколку часа, до неколку дена, а тоа зависи од степенот на изложеност на сонце, брзината со која сте реагирале на првите симптоми и општата здравствена состојба на детето.
Ако не се лекува соодветно, сончаницата може да има долготрајни ефекти и сериозни последици.
Б. С. Б. | Црнобело