Остеопороза или „тивка болест“: Причини за појава, симптоми и совети за третирање
Редовното и правилно вежбање може да ги зајакне коските, а долгото седење и недостаток на физичка активност може да доведе до остеопороза - болест на коските.
Остеопорозата е болест на коските која доведува до намалување на јачината на коските, при што може да се зголеми ризикот од фрактури (скршени коски).
Остеопорозата, на некој начин, е „тивка болест“, затоа што најчесто личноста нема симптоми, па може долго време да не знае дека ја има оваа болест.
Здравиот начин на живот е од големо значење за превенирање на остеопорозата, па затоа останете физички активни, алкохолот консумирајте го во умерени количини, откажете се од пушењето, јадете храна богата со калциум и витамин Д …
Причини за појавa на остеопороза
Остеопорозата се јавува кога се губи премногу коскена маса и се случуваат промени во структурата на коскеното ткиво.
Одредени фактори на ризик може да доведат до развој на остеопороза или да ја зголемат веројатноста дека ќе ја развиете болеста.
Факторите кои може да го зголемат ризикот од појава на оваа болест се следниве:
- Пол – жените имаат поголеми шанси за развој на остеопороза
- Возраст – со текот на времето губењето на коскената маса се случува побрзо, коските може да ослабнат и ризикот од остеопороза се зголемува.
- Семејна историја – ризикот од остеопороза се зголемува ако некој од родителите веќе имал остеопороза
- Недостаток на полови хормони
- Терапија – на пример, долготрајна употреба на кортикостероиди
- Начин на живот и исхрана
Начинот на живот и воспоставените (лоши) животни навики може да го зголемат ризикот од развој на остеопороза.
Некои од нив се:
- Прекумерно седење – луѓето кои поминуваат многу време седејќи имаат поголем ризик од остеопороза од оние кои се физички поактивни.
- Прекумерно внесување алкохол – зголеменото консумирање, повеќе од два алкохолни пијалаци дневно, го зголемува ризикот од појава на остеопороза.
- Пушење – точната улога на пушењето кај остеопорозата не е јасна, но докажано е дека придонесува за побрзо губење на коскената маса.
Симптоми на остеопороза
Како што веќе беше споменато, остеопорозата се нарекува „тивка болест“ бидејќи најчесто нема никакви симптоми додека не се скрши коската.
Коските кои се погодени од остеопороза може да станат толку кревки, што фрактурите се појавуваат спонтано или како резултат на:
- Мали падови, како што е пад од стоечка висина, што вообичаено не би предизвикало повреда на здрава коска
- Нормални движења, како свиткување, кревање па дури и кашлање.
Лекување на остеопороза
Со остеопорозата мора да научите да живеете. Она што може да го направите е да го забавите процесот на влошување на коскениот систем, преку зајакнување на постојното коскено ткиво.
Она на што треба посебно да внимавате се падовите или какви било физички трауми кои може да доведат до фрактури на коските.
Третманот на остеопорозата во голема мера се сведува на:
Вежбање. Редовното и правилно вежбање може да ги зајакне коските, односно мускулите, лигаментите и тетивите кои се наоѓаат на нив.
Се препорачува пешачење, јога, пилатес и други активности кои може да ги зајакнат мускулите без прекумерен стрес.
Суплементи. Составен дел од терапијата може да бидат и суплементите, витамини и минерали. Пред сè, ова се однесува на калциум и витамин Д, а лекарот ќе ви одреди колку често и во која количина би требало да ги земате суплементите.
Лекови. За типот на лекови одлучува лекарот, па немојт на своја рака да земате терапија.
Секако, секогаш треба да се консултирате со вашиот лекар кој најдобро знае да ја процени вашата состојба и да го предложи вашето лекување. Никогаш не преземајте ги работите само во свои раце.
М. Ѓ | Црнобело / фото: freepik.com