Како да реагирате доколку наидете на лице со деменција кое е изгубено?
Не ја оставајте личноста сама и кога разговарате со неа, зборувајте јасно и со кратки реченици. Како можете да помогнете ако најдете личност со деменција кога е изгубена?
Според Светската здравствена органзација, над 55 милиони луѓе ширум светот страдаат од деменција.
Иако повеќето пациенти имаат Алцхајмерова болест, постојат и други, поретки видови, вклучително и фронтотемпорална деменција која му е дијагностицирана на холивудскиот актер Брус Вилис.
Бидејќи болеста полека го уништува мозокот на пациентот, тој лесно може да се збуни или да залута и да се изгуби.
Со оглед на тоа што околу 60 проценти од луѓето кои живеат со деменција исчезнале барем еднаш, шансите да се сретнете со некој со деменција кому му е потребна помош се поголеми отколку што мислите.
Секој од нас со сигурност би му помогнал на некој кој е изгубен, а боледува од деменција, но малкумина знаат како точно треба да се постапи.
Па, што треба да направите?
Воспоставете контакт со изгубената личност - обидете се да останете позитивни и да слушате што има да каже другата страна, дури и ако изгледа збунето.
Преземете акција, реагирајте - направете нешто за да му помогнете на лицето кое сигурно е исплашено и останете со него додека не најдете помош или решение. Најдобро е да повикате полиција бидејќи семејството веројатно ќе има пријавено дека личноста исчезнала.
Смирувачки зборови - дајте ѝ до знаење на личноста дека сѐ е во ред, дека е на безбедно и дека ќе биде добро. Со нежен допир по грбот и смирувачки тон на зборување, ќе ѝ дадете до знаење дека е безбедна, дека може да ви верува, а тоа е од големо значење во моментите на страв.
Основни совети за подобра комуникација со лице кое боледува од деменција
Секогаш употребувајте кратки реченици - изговарајте ги речениците јасно и внимателно, артикулирајќи го кажаното.
Имајте на ум дека лицата со деменција не можат да следат сложени реченици и долго излагање.
Друго што треба да се има на ум е дека во случај на неразбирање на кажаното, кај пациентот често се јавува страв и паника. Разговорот никогаш не треба да води до тоа.
Лицето со деменција подобро реагира на разговор ако јасно го гледа лицето што му зборува. Помага и тоа што болниот може да го следи движењето на усните и изразите на лицето.
Ако поставувате прашање, тоа треба да биде едноставно и да нуди можност за позитивен или негативен одговор, без многу комплицирање.
На пример, наместо да прашате: „Дали сакаш да излезеш надвор, убаво е времето или сакаш да останеме овде?“, треба само да прашате: „Дали сакаш да излезеш надвор?
Без разлика дали чекаме одговор или се обидуваме да започнеме разговор, лицето со деменција не треба да се брза. На луѓето со деменција им треба време. Можеме смирено да го повториме или формулираме истото прашање поинаку.
На одговорите на лицата со деменција не треба да се смеете, ниту да реагирате изненадено.
Луѓето со деменција, исто така, генерално не разбираат сарказам, цинизам и не знаат „да читаат меѓу редови“.
С. Ш. | Црнобело / фото: freepik.com