Кои се најчестите симптоми на алергија на храна и кога можат да бидат опасни по живот?
Алергијата на храна кај повеќето луѓе предизвикува благи симптоми, како чувство на чешање и пецкање во устата. Но, во некои случаи се јавуваат и сериозни симптоми кои можат да бидат опасни по живот. Што треба да знаете за алергиите на храна за да се заштитите?
Обично, алергиите ги поврзуваме со воочливи симптоми, како чешање.
Но, некогаш алергиите можат да предизвикаат и посуптилни симптоми.
Кога станува збор за алергии на храна, навистина е важно да бидете свесни за симптомите бидејќи некогаш можат да бидат и опасни по живот.
Што треба да знаете за алергијата на храна?
Што е алергија на храна?
Алергијата на храна е одговор на имунолошкиот систем кога ќе изедете некоја храна.
Во овој случај, имунолошкиот систем ја перципира храната (или некоја состојка во неа) како потенцијална закана, па оттаму и симптомите.
Алергиите на храна се јавуваат кај 8% од децата помали од пет години.
Во повеќето случаи, децата ги надраснуваат алергиите, односно додека да пораснат, повеќе не се алергични на одредена храна.
Од друга страна, околу 4% од возрасните имаат алергија на некаква храна. За ова нема лек, па важно е да ги избегнуваат намирниците на коишто се алергични.
Важно е да правите разлика помеѓу алергија и нетолеранција на храна.
Додека нетолеранцијата обично предизвикува мали проблеми со дигестивниот систем, алергијата е проследена со симптоми кои можат да бидат навистина сериозни.
Кои се најчестите симптоми на алергија на храна?
Не секогаш симптомите од алергија на храна се опасни по живот. Поради ова, некои луѓе може и да не ни знаат дека имаат алергија на некоја храна или состојка.
Симптомите обично се јавуваат од неколку минути до два часа по консумирањето на храната. Во ретки случаи, симптомите траат неколку часа, а ако станува збор за сериозна алергија, мора да се оди и на лекар.
Дел од најчестите симптоми се:
- Чувство на пецкање или чешање во устата
- Чешање на кожата или егзема
- Кивање, затнат нос и проблеми со дишењето
- Болки во стомакот, дијареја, гадење или повраќање
- Вртоглавица или губење свест
Сериозната алергиска реакција на храна е позната како анафилакса.
Во тој случај се јавуваат симптоми како:
- Отежнато дишење, задушување
- Оток во областа на вратот
- Драстичен пад на крвниот притисок
- Забрзано чукање на срцето
- Вртоглавица и губење свест