Кои се симптомите дека имате топлотен удар и како влијаaт високите температури врз човечкиот организам?
Зголемен ризик од формирање на тромбови во крвните садови, ризик од срцев удар, отежнато дишење, проблеми со концентрацијата... Како влијаат екстремно високите температури врз човечкиот организам?
Европа и Македонија деновиве се зафатени од топлотен бран, а се очекува на некои места температурите да се искачат до 48 степени. Температури над 40 степени Целзиусови се очекуваат и кај нас, а пеколно топлото време има влијание и врз човечкиот организам.
Со оглед на тоа што и понатаму земјава е во т.н. портокалова фаза на опасност од високи температури, препораките се бремените жени и возрасните лица да бидат ослободени од работа и доколку може работните обврски да ги извршуваат онлајн.
Во градинките се препорачува децата да не се изнесуваат на отворено од 11 до 17 часот, а во истиот период препорачано е да не се работи на отворено.
Кои се најчестите здравствени проблеми што може да настанат како последица на екстремно високите температури?
Веќе на сите им е познато дека екстремно високите температури може да предизвикаат проблеми со здравјето како дехидрирање, замор или срцев удар.
Дехидрирањето настанува кога телото исфрла повеќе течности од она што го внесуваме, а може да предизвика крвта да стане погуста и полеплива, го намалува крвниот притисок и ја забавува циркулацијата што може да предизвика формирање на тромбови во крвните садови и срцев удар.
Кај некои луѓе може да се јават грчења и болки во мускулите како последица на недостатокот на минерали што се губат преку потењето, а екстремната загуба на течности може да го забави и работењето на мозокот.
Токму заради ова, кога температурите се високи има и зголемен број на сообраќајни несреќи. Топлото време може да предизвика промени и во начинот на кој размислуваме и да нѐ направи поподложни на носење погрешни одлуки.
Вдишувањето топол загаден воздух влијае врз респираторниот систем, особено кај луѓето што имаат астма или друго заболување што предизвикува опструкции во дишењето.
Освен што треба да се внимава на тоа да се внесуваат доволно течности, телото мора да се заштити и од топлотен удар.
Екстремното потење, како и чувството на замор, вртоглавица, главоболката се знаци дека премногу долго сте биле изложени на топло, а особено треба да се внимава ако почувствувате грчеви во рацете, нозете и стомакот, забрзано срцебиење или покачена телесна температура.
Топлотниот удар се јавува кога телесната температура ќе се искачи над 40 степени Целзиусови и може да се случи личноста да има напади или да загуби свест.
Главни симптоми дека имате топлотен удар се следните:
- Не се потите (затоа што сте дехидрирани);
- Кожата ви е црвена, топла на допир и сува;
- Чувствувате вртоглавица и главоболки;
- Комуницирате нејасно или чувствувате загуба на свест;
- Чувство на гадење и повраќање;
- Имате забрзан, силен пулс.
Во случај да почувствувате некои од овие симптоми веднаш побарајте медицинска помош.
Детален приказ за тоа како влијае премногу топлото време врз човечкото тело:
Б. С. Б. | Црнобело / фото: freepik.com